За градското собрание на Белград, пак, засега нема податоци од РИК. Меѓутоа, проекции на обработени 96 отсто од гласовите објавија од Центарот за истражување, транспарентност и одговорност (ЦРТА), според кои листата на Вучиќ освоила 38,1 отсто од гласовите
Иако победата на Вучиќ на претседателските и вонредните парламентарни избори беше извесна уште синоќа и се славеше во изборниот штаб на Српската напредна странка (СНС), од Републичката изборна комисија (РИК) сè уште ги пребројуваат гласовите и досега се обработени 96,19, односно 95,88 отсто од избирачките места.
На претседателските, според првичните резултати Вучиќ освоил 58,55 отсто од гласовите, а опозицискиот кандидат Здравко Понош 18,34 отсто. Другите шестмина кандидати имаат под 10 отсто од освоените гласови.

На парламентарните избори, пак, листата „Заедно можеме се“ на коалицијата на СНС, според досега пребројаните гласови, има 42,92 отсто од гласовите или 120 пратенички места од вкупно 250.
Првичните резултати покажуваат дека потоа следува опозициската коалиција „Обединети за победа“ со 13,6 отсто од гласовите или 38 пратенички мандати. Трета е листата на досегашниот коалициски партнер на Вучиќ, Ивица Дачиќ, со 11,51 отсто освоени гласови или 32 мандати.
„Надеж“ освоиле 5,4 отсто или 15 мандати, а опозициското движење „Мораме“ има 4,62 отсто или 12 мандати, додека Заветници имаат 3,75 отсто или 10 мандати исто колку што имаат и Двери.

За градското собрание на Белград, пак, засега нема податоци од РИК.
Резултати за белградскиот парламент објавија од Центарот за истражување, транспарентност и одговорност (ЦРТА) за обработени 96 отсто од гласовите.
Според нивните проекции, листата „Заедно можеме се“ на Вучиќ освоила 38,1 отсто од гласовите. Следни се „Обединети за победа“ со 21,3 отсто, потоа „Мораме“ со 10,8, додека листата на Ивица Дачиќ освоила 6,9 отсто. Резултатите на ЦРТА понатаму покажуваат дека 6,3 отсто од гласовите има листата „Надеж за Белград“, „Заветници“ 3,5 отсто, а „Двери“ 3,4 отсто. „Ајде луѓе“ освоиле 2,8 отсто, а Суверенистите 2,2.
Радикалите на Воислав Шешељ, пак, на градските избори добиле 1,6 отсто од гласовите, листата на Немања Шаровиќ „За сиот нормален свет“ 0,6 отсто, а Рускиот малцински сојуз добил 0,4 отсто.