Работната група за измени на Изборниот законик го одржа првиот состанок на кој во Клубот на пратеници на заедничка маса седнале претставници на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, Алијанса на Албанците, БЕСА, Алтернатива, Левица, ВМРО-Народна партија, ЛДП, ДОМ и Демократски сојуз.
Состанокот го организираше Министерството за правда, а на него присуствувал и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
„На првиот состанокот кој помина во конструктивна атмосфера се отворија политичките прашања во однос на изборните модели и можните измени. Сите претставници ги изнесоа своите ставови, предлози и размислувања за измените. Договорено е овие разговори да продолжат следната недела, а на истите да бидат поканети и парламентарните партиите на помалите етнички заедници“,
соопшти министерот за правда, Бојан Маричиќ.
Во собраниска процедура веќе се наоѓа еден предлог за измени на изборниот модел кој опфаќа воведување на една изборна единица наместо шест. Меѓутоа, Владата вчера даде негативно мислење во кое посочува токму на тоа што е формирана работна група во Министерството за правда, која денеска го одржа првиот состанок. Во мислењето потпишано од првиот вицепремиер Артан Груби се посочуваше дека целта на формирање на оваа работна група е да се изработи сосема нов Изборен законик со оглед на тоа што од 2006 година досега се направени повеќе од 30 промени што ја прават изборната регулатива неконзистентна, тешко читлива и сложена за имплементација. Исто така, посочија дека процесот за нов изборен законик е под мониторинг на ОБСЕ/ОДИХР, ИФЕС, НДИ и ЕУ.
Она што се наведуваше е и дека процесот на донесување нов закон предвидува да има консензус меѓу сите политички чинители.
