Разумно е да се размислува за избори, оти не може вечно да има техничка влада, но изборите треба да се одржат доколку се исполнуваат условите, коментираат високи функционери од Европската комисија, пренесува МИА.
„Бојкот од една или друга страна, непризнавање на резултатите, се сценарија кои мора по секоја цена да се избегнат. Посебно со оглед на фактот дека од јуни проширувањето ќе се врати на дневниот ред на Унијата, со објавувањето на преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија“,
коментираат во институциите на ЕУ.
Останува дека изборите мора да бидат беспрекорно организирани. Со други зборови, тоа значи дека освен компромис помеѓу сите партии, треба да бидат запазени здравствените услови, гласањето да биде сигурно и безбедно за граѓаните, да бидат добро подготвени, и, конечно, за нивен целосен легитимитет е пожелно да бидат присутни и меѓународните набљудувачи од мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, покрај домашните.
„Меѓународните набљудувачи не се обврска, но им даваат легитимитет на изборите, ако нема меѓународни набљудувачи се остава простор за оспорување на процесот и на резултатите, така што за ЕУ нивното присуство е значајно“,
велат дипломатски извори за МИА.
Од ОДИХР за МИА велат дека се во исчекување на одлука од македонска страна за да можат да се произнесат за набљудувачките мисии.
„Откако ќе биде одреден датумот за избори, ОДИХР внимателно ќе ги разгледа новите рокови имајќи ја предвид можноста на набљудувачите да патуваат како и кои било други рестрикции кои би можеле да се на сила. Сепак, сакаме да истакнеме дека не можеме ништо да планираме додека не се донесе таа одлука“,
велат од ОДИХР.
Оттаму додаваат дека се во редовен контакт со властите во Северна Македонија за да се разјаснат условите за работа на нивните набљудувачи.
Во поглед на домашната политика, Брисел би сакал да види напредок во партиски преговори, како попрецизен договор околу некаков временски рок кога би се одржале изборите.
