Официјалниот претставник на Европската медицинска агенција (ЕМА), Марко Кавалери, потврди дека постои поврзаност меѓу вакцината на „Астра Зенека“ и случаите со тромбоза. Тој во интервју за италијанскиот весник „Месаџеро“ појаснува дека се потребни дополнителни испитувања за тоа како се предизвикува тромбозата по примањето на вакцината.
„Јасно е дека постои поврзаност со вакцината, но што точно предизвикува таква реакција – не знаеме. Да резимираме, во наредните неколку часа ќе излеземе со став дека постои врска, но сè уште треба да испитувамо како доаѓаа до таа врска“,
вели Кавалери.
Тој појаснува дека се обидуваат да добијат прецизна слика за тоа што точно се случува по примањето на вакцината за да може прецизно да го дефинираат тој синдром.
„Меѓу вакцинираните има повеќе случаи на тромбоза меѓу младите отколку што е очекувано, а тоа треба да го испитаме“,
вели Кавалери.
Во последните неколку недели се појавија сомнежи за можни сериозни несакани ефекти по примањето на оваа вакцина. Иако тие се исклучително ретки, Европската медицинска агенција уште еднаш ќе ја преиспита препораката за тоа кои лица може да ја примат оваа вакцина.