Даночните податоци на Трамп сега ќе бидат достапни за обемни истраги од новинари, експерти и аналитичари и се очекува да се дознае како поранешниот претседател избегнувал да плаќа даноци на своите милионски приходи. Ова има дополнително значење сега кога Трамп започна кампања за Белата куќа во 2024 година
Комитетот на Претставничкиот дом на САД денеска ги објави даночните пријави на поранешниот претседател Доналд Трамп за период од 2015 до 2020 година, притоа ставајќи крај на големите напори на поранешниот претседател да ги задржи приватни финансиските документи. Трамп одби да ги објави своите даночни пријави кога се кандидираше за претседател и водеше правна битка да ги задржи во тајност додека беше во Белата куќа.
Објавувањето на даночните пријави на Доналд Трамп следи по извештајот на Конгресот објавен претходно овој месец, кој откри дека Трамп и неговата сопруга Меланија не платиле федерален данок на доход во 2020 година, последната година кога тој беше на функцијата. Од 2015 до 2020 година, периодот за кој комисијата добиваше пријави, Доналд и Меланија Трамп во неколку години пријавија негативни приходи и мала или речиси никаква даночна обврска. Извештајот, исто така, откри дека службата за внатрешни приходи не извршила задолжителна ревизија на Трамп во текот на неговите први две години на функцијата.
Даночните пријави на поранешниот претседател се достапни на веб-страницата на Претставичкиот дом на САД, a во нив се наведува дека поранешниот претседател воопшто не плаќал даноци во 2020 година, односно неговата последна година од претседателскиот мандат. Во 2017 година Трамп платил вкупно 750 долари данок на доход, додека за 2018 и 2019 година платил вкупно 1,1 милион долари данок на доход.
Во објавата се вели дека Трамп бил поврзан со повеќе од 400 разни ентитети вклучително и добротворни организации и фондации, корпорации со ограничена одговорност и партнерства.
Даночните податоци на Трамп сега ќе бидат достапни за обемни истраги од новинари, експерти и аналитичари и се очекува да се дознае како поранешниот претседател избегнувал да плаќа даноци на своите милионски приходи. Ова има дополнително значење сега кога Трамп започна кампања за Белата куќа во 2024 година.
Објавувањето на даночните пријави, кое е само неколку дена пред републиканците повторно да ја преземат контролата врз Претставничкиот дом, веројатно ќе понуди досега најјасна слика за финансиите на Трамп додека беше претседател.