Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјава им се обраќа на сите кои планираат да се кандидираат на локалните избори за градоначалници и апелира до нив во изборните програми да понудат решенија за подобро живеење на децата и младите.
Таа вели дека децата се директно засегнати од одлуките на локалните лидери за образованието, животната средина, детската и социјална заштита и урбанистичкото планирање, но често се исклучени при нивното донесување.
„Загрижувачки е што 60 проценти од младите во Северна Македонија веруваат дека не можат да имаат влијание врз начинот на работа на властите, а 85% од нив никогаш не биле консултирани од властите. Претстојната изборна кампања е можност за вас, кандидатите за локални функционери, да ги вклучите младите во дискусија за тоа како општините да станат по мерка на децата и младите. Слушнете го гласот на младите во предизборната кампања и дајте им простор да ја изразат својата визија за општината. Дајте заложба дека ако станете градоначалници или општински советници, ќе работите на формирање ефективни локални младински совети кои ќе им дадат вистински и уважуван глас на младите при носењето одлуки. Притоа, не само што ќе постапите според обврската од Законот за младинско учество и младински политики, туку ќе создадете и простор за оспособување на младите да бидат двигатели на промени кои ќе ви помогнат да изградите подобра иднина за нив и за идните генерации“,
се вели во отвореното писмо.
Ди Џовани понатаму вели дека истражувањата покажуваат дека пристапот до квалитетни програми за ран детски развој и учење претставува клуч за образовниот успех, како и за благосостојбата, вработливоста и социјалната интеграција.
„Европската Унија постави за цел постигнување опфат на 95% од децата со предучилишно образование, со фокус врз квалитетот. Сепак, само 20% од децата во руралните средини на земјата посетуваат предучилишно образование, а само 47% во урбаните средини. Законот за заштита на децата предвидува достапни алтернативи за општините, со цел програмите за предучилишно образование и ран детски развој да станат реалност дури и во заедниците со најмалку ресурси. Вашата заложба за повеќе средства и поголема опфатеност со предучилишно образование, како и за подобри услуги на детска и социјална заштита, може на сите деца да им даде можност за најдобар почеток во животот“,
вели таа.
Додава дека изборната кампања ќе биде одлична можност, кандидатите за градоначалници да ги претстават нивните планови за отстранување на бариерите коишто ги спречуваат децата и младите со попреченост подеднакво да учествуваат во сите сфери на животот во локалната заедница. Таа апелира да се работи и на решавање на проблемите со животната средина.
„Анкетите меѓу младите покажуваат дека загриженоста за животната средина влијае врз нивната желба да мигрираат во други земји. Претстојните избори даваат можност да ги искористите идеите на младите преку консултации со нив за создавање зелена општина, но и преку обрнување поголемо внимание на животната средина и климатските промени во образованието“,
се вели во отвореното писмо на Ди Џовани.
