Втор е кандидатот на националистичката партија Алијанса за обединување на Романците (АУР) Џорџе Симион
Независниот кандидат и актуелен градоначалник на Букурешт, Никушор Дан, води на претседателските избори во Романија, покажаа првите резултати од излезните анкети на социолошките агенции „Авангард“ и „Курс“, пренесува Диџи 24.

Втор е кандидатот на националистичката партија Алијанса за обединување на Романците (АУР), Џорџе Симион.
Разликата меѓу двајцата засега е околу десет проценти.
Според податоците на „Курс“, Никушор Дан освоил 54,10 проценти од гласовите, а неговиот противник Џорџе Симион – 45,90 проценти.
„Изборите ги добија оние што сакаат промена. Следува тежок период“,
изјави Никушор Дан.
До 20 часот гласале 62,65 проценти од оние што имаат право на глас, односно 11 278 291, покажуваат податоците на Постојаниот изборен орган.
Претседателските избори во Романија се одржаа по вторпат откако во декември минатата година Уставниот суд го поништи првиот круг одржан во ноември и нареди изборниот процес да почне од почеток.