На второ место е кандидатот на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ), Драган Приморац, но тој освои далеку помалку, само 19,29 отсто од гласовите
Актуелниот претседател на Хрватска и кандидат на опозициската Социјалдемократска партија (СДП), Зоран Милановиќ, победи во првиот круг од претседателските избори одржани денеска, со освоени 51,48 отсто од гласовите, покажуваат првите објавени неофицијални резултати од излезните анкети по затворањето на гласачките места во 19 часот.
На второ место е кандидатот на владејачката Хрватска демократска заедница (ХДЗ), Драган Приморац, но тој освои далеку помалку, само 19,29 отсто од гласовите.
Според анкетата спроведена меѓу гласачите по напуштањето на избирачките места, на трето место е независната кандидатка Марија Селак Распудиќ со 8,84 отсто гласови, а Ивана Кекин од зелено-левичарската платформа Можеме е на четврто место со 8,33 отсто од гласовите.
Проценетата статистичка грешка на излезните анкети е еден процент.
Државната изборна комисија ќе започне со објавување на првите неофицијални резултати од 20 часот и ќе ги освежува на секои десет минути.
Се очекува околу 22 часот да се знае дали ќе има втор круг, односно кои двајца од осумте кандидати ќе одат понатаму.
Останатите кандидати на изборите се Миро Буљ од десничарската конзервативна партија Мост, Бранка Лозо, која стои зад десничарската партија Дом и Национален собир (ДОМИНО) и независните кандидати Томислав Јоњиќ и Нико Токиќ Картело.
Денеска до 19 часот во Хрватска беа отворени повеќе од 6 500 избирачки места во земјата и во 38 други држави, каде право на глас имаа над 3,7 милиони гласачи.
Претседателот треба да го добие мнозинството гласови од сите гласачи кои гласале. Доколку тоа не се случи, двајцата кандидати со најголем број гласови одат во вториот круг, кој се одржува за 14 дена, на 12 јануари следната година.
