Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска во Охрид во претседателската Вила „Билјана“ ги пречека високиот претставник на ЕУ за надворешни работи Жозеп Борел, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и премиерот на Косово, Албин Курти, на работна сесија од преговорите во рамки на дијалогот на високо ниво Белград–Приштина под покровителство на ЕУ.
Пендаровски смета дека е исклучително важно што оваа работна сесија од дијалогот на високо ниво помеѓу Белград и Приштина се одвива во Охрид.
„Тоа е знак дека Република Северна Македонија во изминативе години покажа нетипично балканско однесување и функционира како вистинска мултиетничка демократија, што е реткост и во пошироки рамки. Ова го доживуваме како признание за постигнатото во изминатиот период и поттик на домашните политички сили да продолжат со европските реформи, за што е можно побрзо да станеме полноправна и формална членка на Европската Унија. Преговорите помеѓу Белград и Приштина се исклучително важно регионално прашање чиешто решавање може да помогне за трајна стабилизација на регионот и негова побрза европска и евроатлантска интеграција“,
соопштија од Кабинетот на Претседателот.
На средбата Вучиќ–Курти, со посредство на Борел, се очекува да се разговара за анексот на предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, кој се однесува на имплементација на договорот што начелно беше одобрен од двете страни.