Претседателката на државата на средбата со високиот гостин од Турција се заложила за иницирање на нови инвестиции и зголемување на обемот на трговската размена меѓу двете земји, стимулирањето на туризмот, како и интензивирањето на образовната и истражувачката академска соработка и размена
Куртулмуш на прес-конференцијата со претседателот на Собранието, Африм Гаши, меѓу другото, се осврна и на војната меѓу Русија и Украина, велејќи дека уште од самиот почеток на конфликтот Турција играла значајна улога во смисла на изнаоѓање на мировно решение, кое, како што кажа, не било постигнато затоа што одредени земји не сакале да заврши војната
Турција ја препознава нашата земја како искрен и докажан пријател, а улогата на турската заедница во С Македонија е силен доказ за почитта и разбирањето меѓу двете држави. Ова на денешната средба со претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова го истакнал претседателот на Големото национално собрание на Турција, Нуман Куртулмуш кој е во официјална посета на земјава.
Во рамките на посетата, Куртумлуш денеска оствари средби со претставниците на македонскиот државен врв, на кои се дискутирало за теми од областа на економијата, одбраната, меѓународните случувања и продлабочување на соработката меѓу Турција и С Македонија.
Ова теми биле на маса и на средбата на високиот гостин од Турција со македонската претседателка, која, како што соопштија од нејзиниот кабинет, меѓу другото, изразила благодарност за бројните турски донации и проекти во земјава.
Во таа насока, претседателката се заложила за иницирање на нови инвестиции и зголемување на обемот на трговската размена, стимулирањето на туризмот, како и интензивирањето на образовната и истражувачката академска соработка и размена.
„Претседателката посочи дека Турција е и наш докажан сојузник во НАТО, изразувајќи благодарност за сите форми на поддршка, со особен акцент на редовните донации во областа на одбраната, коишто придонесуваат за зајакнување на нашата одбранбена способност“,
се вели во соопштението од кабинетот на Сиљановска-Давкова за средбата.
Средбата завршила со заложби од страна на двајцата соговорници за унапредување на плодната соработка, а во таа насока, како што се додава во соопштението, била и поканата на Куртулмуш до претседателката Сиљановска-Давкова за официјална посета на Република Турција.
Претседателот на Големото национално собрание на Турција имаше средба и со премиерот Христијан Мицкоски, кој за неа информираше преку куса објава на неговиот фејсбук-профил.
„Ги потврдивме одличните и пријателски односи со Турција. Ја истакнав заложбата да се интензивира економската и културна соработка, како и интензивирање на односите во областите кои се од заедничко значење и важност“,
напиша Мицкоски.
Серијата денешни средби со македонскиот државен врв, високиот гостин од Турција ја почна со претседателот на Собранието, Африм Гаши, по која двајцата оддржаа заедничка прес-конференција.
На неа, претседателот на Големото национално собрание на Турција порача оти е важно да се воспостави, зајакне и негува мирот и стабилноста на сите земји од балканскиот регион, а недоразбирањата да се решат на дипломатска маса со заемно разбирање на страните.
„Ние имаме историски и културни белези во сите балкански земји и поаѓајќи од ова, целиме да ја зајакнеме соработката и односите со сите земји од регионот“,
рече Куртулмуш.
Во таа насока, тој порача дека Турција е подготвена да го поддржи зајакнувањето на демократските капацитети во земјите од регионот.
Тој се осврна и на војната меѓу Русија и Украина, велејќи дека уште од самиот почеток на конфликтот Турција играла значајна улога во смисла на изнаоѓање на мировно решение, кое, како што кажа, не било постигнато затоа што одредени земји не сакале да заврши војната.
„Дури во Истанбул страните веќе беа договорени, нацрт-текстот веќе беше парафиран, но поради фактот дека одредени земји не сакаа да заврши војната, не беше потпишан мировниот договор. Ќе настојуваме да дејствуваме со иста мировна перспектива за наоѓање решение за овој проблем“,
рече Куртулмуш.
Претседателот на македонското Собрание, Африм Гаши на прес-конференцијата рече дека на средбата со Куртулмуш разговарале за заедничките предизвици во однос на стратешката цел за членство во Европскаата Унија.
„Убеден сум дека со истата динамика и посветеност ќе останеме едни до други за да ја исполниме оваа аспирација, која е единствен начин за обезбедување мир, развој и просперитет за нашите граѓани“,
рече Гаши.