„Во овој дел само ќе презентирам дел од Законот за Судски совет во кој овие постапки се од доверлив карактер, односно не се презентираат во јавноста. Тоа е заштитено со самиот закон“ – беше одговорот на претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, на прашањето на „360 степени“ дали е точно дека има иницијатива за разрешување на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми

360°: Во некои кругови се спомнува иницијатива за разрешување на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми. Беа актуелни односите Адеми – Судски совет во изминатиот период по нејзините изјави дека имала надворешен, политички притисок за оживување на помилувањата од претходниот претседател Ѓорге Иванов. Вие ја поканивте да дојде, тоа да го каже пред Судскиот совет, таа одби со свое образложение дека и претходно имало надворешни влијанија и притисоци, а вие не сте реагирале. Има ли таква иницијатива за разрешување на Беса Адеми?
Георгиев: „Во овој дел само ќе презентирам дел од Законот за Судски совет во кој овие постапки се од доверлив карактер, односно не се презентираат во јавноста. Тоа е заштитено со самиот закон. Во однос на оваа проблематика, јас ќе кажам дека колешката Беса Адеми е претседател на Врховниот суд, а во исто време, по службена должност, е и дел од составот на Судскиот совет. Во еден период таа доаѓаше на седници, имам разбирање дека и таму има обврски, сите имаме обврски, доаѓаше еден период, беше активна, но има еден период во кој таа не доаѓа, не се јавува на седници на Судскиот совет… Тоа е нејзино лично убедување, таа е судијка, претседател на највисокиот суд и зошто и од кои причини не доаѓа да придонесе, нејзината улога како претседател на Врховниот суд и согласно законот, е да биде активна во решавањето на Судскиот совет…“
360°: Ги слушаме толкувањата дека со тоа покажува непочитување кон Судскиот совет…
Георгиев: „Не се согласувам дека на таков начин треба пред јавноста да покажуваме и пред самите себеси дека не се согласуваме. Улогата на ваквите членови е да дојдат на седница на советот и да го кажат тоа што го мислат.“
360°: Го кажувам тоа во функција на она што претходно го прашав, а тоа е дека можеби и ова ќе биде еден од аргументите за тоа што прашав – дали има иницијатива за разрешување, како евентуално ќе се толкуваат аргументите во таа процедура, но нема ли тоа да биде буквално прелевање на чашата ако стигнете до ситуација да го разрешувате претседателот на Врховен суд кој јавно излегол и рекол дека има политички притисоци за да прави нешто што личи на чист политички, партиски интерес?
Георгиев: „Пак ќе кажам дека вакви постапки, според законот, се од ограничен карактер за јавноста и не можам да одговорам на ова прашање – дали има или нема вакви постапки. Но, ќе потенцирам, должност е штом си во таква позиција, по службена должност, да се доаѓа и придонесува. Улогата на таквите позиции е да бидеш активен и да придонесуваш за активностите во работењето и решавањето на проблемите во судството. Како и да е, ќе се навратам на овој дел, дека јас во однос на состојбата, тоа што колешката го истакна дека имала проблеми за некакви влијанија или закани, должност ни е како Совет, во согласност со законот при што основна надлежност ни е да ја гарантираме независноста и заштита од какви било влијанија врз судиите, вклучувајќи ја и претседателката на Врховниот суд. Од овие причини, таа беше поканета да дојде и да си го каже своето како проблем и знаеме дека иако имаше покана, колешката не дојде, не се појави за да го каже тоа што го зборуваше во медиумите.“
Пред три седмици Судскиот совет закажа работна средба со претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, поради нејзините наводи во медиумите за политички притисоци врз судиите во Врховниот суд. Преку писмо испратено до јавноста, таа објави дека нема да оди на средбата поради претходно закажан настан и поради тоа што и претходно имало јавни изјави за притисоци врз судии, а Советот не презел ништо.