Во моментот, како што соопштија од МЗ, по утврдена интестинална опструкција на тенко црево, тој е на конзервативен, медикаментозен третман, без поставена индиција за оперативно лекување
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, е во стабилна здравствена состојба, информираат попладнево од Министерството за здравство (МЗ) откако вчеравечер беше хоспитализиран на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија поради преплет на цревата.

„Тој околу полноќ е хоспитализиран на Клиниката за дигестивна хирургија со болки во стомакот и веднаш му се направени потребните радиолошки и лабораториски испитувања. Утврдена е интестинална опструкција на тенко црево“,
се вели во соопштението на ресорното министерство.
Претседателот на Собранието, како што додаваат од МЗ, е задржан на болничко лекување и е под постојан лекарски надзор.
„Во моментот е на конзервативен, медикаментозен третман, без поставена индиција за оперативно лекување“,
информираат оттаму.
Претходно, за здравствената состојба на Гаши информираа и од Собранието, од каде што не дадоа детали за тоа како деновиве ќе работи законодавниот дом и дали се откажани некои од неговите активности.
Директорот на Клиниката за дигестивна хирургија, доктор Огнен Костовски, во изјава за „360 степени“ потврди дека претседателот на Собранието е примен во болница со преплет на цревата.
Во моментов, како што кажа оттаму, пациентот е подобар, се лекува медикаментозно и засега не се планира хируршка интервенција.
Инаку, Гаши вчера попладне беше во посета на Тетов,о во рамките на практиката за посета на општините, каде се сретна со коалицискиот партнер од ВЛЕН, тетовскиот градоначалник Билал Касами.