На покажа на претседателот Стево Пендаровски, неговиот словенечки колега Борут Пахор денеска и утре ќе биде во дводневна посета на земјава.
Претседателот на Словенија ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести на платото пред „Вила Водно“, по што ќе има тет-а-тет средба со Пендаровски, со кого ќе одржат и заедничка прес-конференција.

Според официјалната најава, двајцата претседатели точно на пладне треба да го посетат гробот на Гоце Делчев во Црквата „Свети Спас“ каде ќе положат венци.
Пахор денеска ќе се сретне и со првиот човек на Собранието, Талат Џафери, а на собраниска седница ќе се обрати и пред пратениците.
За денеска предвидена е и средба со премиерот Зоран Заев, а утре ќе биде во Охрид.
„Претседателот Пахор ќе престојува во Охрид, каде што заедно со претседателот Пендаровски ќе присуствува на показна вежба на специјалните сили на Армијата на Република Северна Македонија во Кампот за обука на вода – Охрид“,
најавија од кабинетот на Пендаровски.
Претходно, двајцата претседатели ќе имаат и прошетка низ Охрид и разгледување на културни знаменитости.
