Републиканците, кои сега имаат тесно мнозинство во Претставничкиот дом, го обвинуваат Бајден оти профитирал од странските деловни зделки на неговиот син Хантер Бајден, за кои рекоа дека се сомнителни
Претседателот на Преставничкиот дом на САД, републиканецот Кевин Мекарти, објави дека повикал покренување постапка за инпичмент на претседателот Џо Бајден. Истрагата за импичмент на американскиот претседател, на која повика Мекарти, е поради наводни финансиски малверзации.
„Ги упатувам комисиите на Претставничкиот дом да отворат формална истрага за импичмент на претседателот Џо Бајден. Ќе одиме таму каде што ќе не одведат доказите“,
рече Мекарти на прес-конференција.

Мекарти рече дека има „сериозни и веродостојни“ наводи за однесувањето на претседателот.
Зборувајќи за време на прес-конференцијата, Мекарти рече дека процесот на импичмент на Бајден е „логичен следен чекор“ во истрагата предводена од Републиканската партија во изминатите месеци откако ја презедоа контролата врз Претставничкиот дом во јануари годинава.
Републиканците, кои сега имаат тесно мнозинство во Претставничкиот дом, го обвинуваат Бајден оти профитирал од странските деловни зделки на неговиот син Хантер Бајден, за кои рекоа дека се сомнителни.
Портпаролот на Белата куќа, Иан Симс, пак, ја осуди одлуката на Мекарти, нарекувајќи ја „екстремна политика“.
„Републиканците од Претставничкиот дом го истражуваат претседателот девет месеци и не открија докази за погрешно постапување. Екстремна политика во најлош случај“,
напиша портпаролот на Белата куќа, Иан Самс, во објава на социјалните мрежи.
Американскиот устав наведува дека претседателот може да биде отповикан за предавство, поткуп или други високи кривични дела или прекршоци – процес кој може да заврши со негово отстранување од функцијата. Сепак, обидот за импичмент на Бајден, како што објави Би-би-си, веројатно нема да успее.
Претставничкиот дом, каде што републиканците имаат тесно мнозинство од 222 спрема 212, ќе треба да гласа „за“, а потоа за евентуалниот импичмент на Бајден ќе треба да се произнесе и Сенатот каде што Демократите имаат мнозиство и речиси сигурно би го отфрлиле.