Полска во недела ќе гласа на претседателски избори, а актуелниот претседател, Анджеј Дуда, кој бара од гласачи втор мандат, поднесе предлог за уставни измени со кој ќе се забрани лицата од ист пол да посвојуваат деца.
„Може да се посвои само малолетно лице и тоа само за нејзино добро, а може да посвои исклучително брачна двојка, која според Уставот е дефинирана како врска помеѓу жена и маж. Малолетник не може да биде посвоен од лице кое живее во заедница со лице од ист пол“,
истакна Дуда образложувајќи го уставниот амандман.
Тој во вториот круг од претседателските избори влезе како кандидат на владејачката конзервативна парија Право и правда, и во кампањата се претставуваше како заштитник на Полјаците од ЛГБТ. Тој истакна дека сексуалните малцинства не се луѓе туку идеологија, која е полоша од болшевичката.
Посвојувањето деца од истополовите двојки тој го користеше во досегашната кампања за напад на неговиот противкандидат од либералната Граѓанска платформа, градоначалникот на Варшава, Рафал Тшасковски.
Тшасковски, пак, рече дека со овој предлог Дуда се обидува да го сврти вниманието од правите проблеми на Полјаците, што Владата не ги решава, како и од другите афери на конзервативната десница.
Дуда во првиот круг освои 43,5 проценти од гласовите, а Тшасковски – 30,46 отсто. Според досегашни анкети, вториот круг е целосно неизвесен.