Инспириран од Орвел, академик Љупчо Коцарев креира претпоставка за Македонија во 2084 година. Ја гледа како дистописка држава со министерства за мир, за изобилство, за вистина и за љубов кои би ја спроведувале владината политика за разнебитување на Македонците, нивна принудна преобразба па дури и преку формирање национална лотарија за одвлекување на вниманието од македонизмот
Првиот човек на највисоката национална научно-творечка институција смета дека Договорот со Бугарија и Преспанската спогодба, претставуваат извор на сите витални проблеми и се претпоставка за разнебитување на Македонија. Во својата анализа објавена во Нова Македонија, претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Љупчо Коцарев, вели дека ако овие два договора не се раскинат, Македонците ќе исчезнат а во ЕУ ќе влезе Македонија, но не и Македонците.
„Или двата документа ќе се величаат, ќе се почитуваат и ќе се имплементираат, што дефинитивно ќе доведе до исчезнување на Македонците, или и двата документа ќе се оспоруваат, ќе се негираат и ќе се раскинат. Нема можност за избор помеѓу нив: или двата или ниеден“,
вели Коцарев.

Во текстот кој во голема мера е инспириран од Орвеловата дистопија „1984“, Коцарев креира претпоставки како ќе се однесува Македонија сто години подоцна. Таа, според него во 2084 година би била „делумно рамноправна членка на ЕУ“, меѓутоа во тој случај, а имајќи ги предвид моменталните услови, како што пишува Коцарев, „речиси е веројатно дека во државата Македонија веќе не живеат Македонци – тие се целосно истребени“.
Според него, во државата би имало Влада со четири министерства, за мир, за изобилство, за вистина и за љубов. Примарната цел на Министерството за мир, како што вели Коцарев би била да се искористат сите механизми за разнебитување на Македонците без да се дозволи да се издигне општата свест за македонизмот.
„Исчезнувањето на Македонците би се случувало постепено во период од педесетина години, но Министерството и понатаму би постоело со својата јасна мисија: војната против македонизмот мора да е вечна, самоуништувањето на Македонците мора да е вечно, како што е вечен и процесот на пристапување во ЕУ“,
пишува претседателот на МАНУ.
Разработувајќи го делокругот на министерството за изобиство, Коцарев вели дека нему задача би му било да влева страв и паника за основна егзистенција на граѓаните, а сето тоа, како што констатира, заради отуѓување од македонизмот.
„Министерството за изобилство, исто така, ја води националната лотарија за одвлекување на вниманието од македонизмот, но и за издигнување на игрите на среќа на ниво што е карактеристично за сиромашните земји“,
нагласува академик Коцарев.
Министерството за вистина, според проценките на Коцарев, во 2084 година освен што ќе ги контролира информациите, вестите, образованието, науката и уметноста, во своја надлежност ќе ја има и работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, која ги усогласува овие прашања во согласност со барањата на ЕУ.
„Ова Министерство е одговорно за затворање на сите катедри за македонски јазик и македонска книжевност, за затворање на весникот „Нова Македонија“ и на сите промакедонски медиуми и за гонење на сите промакедонски дејци“,
вели првиот човек на МАНУ.
Предвидувањата на Коцарев се дека последниот владин ресор, Министерството за љубов, ќе има задача да ги идентификува, следи, апси и преобразува Македонците.
„Во ова Министерството се врши тортура врз неистомислениците со ЕУ-политиките за Македонија, кои се соочуваат со „најлошото нешто на светот“, сѐ додека љубовта кон ЕУ-политиките за Македонија под принуда не ги преобрази неистомислениците во немакедонци“, проценува
претседателот на МАНУ.

Сепак, тој е сигурен дека ваква дистописка иднина никој не посакува, па дури и најтврдокорните поддржувачи на денешниве владини политики, па затоа предлага „во септември да започнеме мудро и спокојно со процесот на разрешување на состојбата во која дојдовме поради неуките, недоквакани и алчни (за власт, слава и пари) политичари“.
„Време е за промени, а јас ќе направам сѐ, прво, како интелектуалец, а потоа и како член на МАНУ, интелектуалците да бидат предводници на овие промени, а кон тоа во рамките на своите надлежности да даде свој придонес и највисоката научноистражувачка и уметничка институција, како столб на државноста, што впрочем и се очекува од оваа куќа. Несомнено, Македонија сака да биде дел од ЕУ-семејството, таа е веќе дел од НАТО, но Македонците за сметка на тоа загубија сѐ – нивниот идентитет, нивниот јазик и нивната етничка припадност, особености што имаат непроценлива вредност за која било цел. Затоа, изгубеното треба да се поврати назад. И мора да се стори тоа. Во спротивно, зошто и на кои им се потребни ЕУ и НАТО – македонското име не треба и нема да загине. Од нас зависи. Придружете се“!,
пишува на крајот од анализата објавена во Нова Македонија претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев.