Покрај Џолев, нови судии кои ќе постапуваат во кривичната област на скопската апелација се судијките Марија Клетничка Марковска и Оља Ристова од Основниот кривичен суд Скопје и Бетим Јахја од Основниот суд во Тетово
Претседателот на Основниот кривичен суд Скопје, Иван Џолев, заминува на нова должност. Тој на денешната седницата на Судскиот совет е избран за судија во Апелацискиот суд Скопје.

На новата позиција Џолев оди на половина од својот втор мандат како претседател на скопскиот кривичен суд.
Во Кривичен тој беше судија од 2008 година, а во 2017 година е избран и да раководи со овој суд. Поддршка за втор мандат на чело на најголемиот суд во државата, според циркулацијата на предмети, Џолев од Судскиот совет доби на крајот на декември 2022 година.
При неговиот избор за судија во второстепениот суд, членовите на Судскиот совет на денешната седница унисоно се изјаснија позитивно за досегашната негова работа и му честитаа на изборот.
Инаку, Џолев е актуелен претседател на Здружението на судиите на Република Северна Македонија.
„Одличен претседател на суд во последните два мандати. Се истакна како добар менаџер на судот, претходно има работено долго како судија кривичар, како постојан член на Кривичниот совет на судот, како судечки судија во постапка, како истражен судија и како судија во прекршочна материја. Истиот е член на управен одбор на Здружението на судии, сега и претседател. Да потенцирам дека е член на Судско-медиумскиот совет и мислам иницијатор на формирањето на овој Совет… Мислам дека судијата Иван Џолев е професионалец и заслужен е изборот на овој кандидат за Апелацискиот суд Скопје“,
рече членката на Судскиот совет, Џенета Бектовиќ, која доаѓа од истиот суд како и Џолев.
Нејзината колешка, Весна Дамева, во своето излагање рече дека станува збор за судија кој бил високорангиран за новата позиција. Кажа и дека за време на неговите два мандати како претседател на скопскиот Основен кривичен суд немало скандали, а во своите ставови јавно се залагал за независно судство.
„Со неговите искажани ставови цврсто се бори за независно и самостојно судство“,
рече Дамева.
Покрај Џолев, нови судии кои ќе постапуваат во кривичната област на скопската апелација се судијките Марија Клетничка Марковска и Оља Ристова од Основниот кривичен суд Скопје и Бетим Јахја од Основниот суд во Тетово.
Освен судии кои ќе постапуваат во предмети од кривична област, Судскиот совет во продолжението на денешната 523. Седница треба да избере и шест нови судии од граѓанска област во Апелацискиот суд Скопје.
Претходно, членовите на Советот избраа нов претседател на Врховниот суд. Судијата Африм Фидани ја доби поддршката на мнозинството членови на Судскиот совет во наредните четири години да го води највисокиот суд во државата и на функцијата ќе ја наследи неговата колешка Беса Адеми, која не успеа да се избори за втор мандат.
Фидани за претседател на Врховниот суд беше избран со осум гласа „за“ и пет „против“, додека, условно кажано, неговата противкандидатка, Адеми, доби поддршка од само двајца членови на Судскиот совет.