За време на посетата, предвидени се негови средби со бугарскиот претседател Румен Радев и со премиерот Росен Желјазков, со кои ќе разговара за тековните и идните активности во неколку области, вклучувајќи ја европската одбрана, поддршката за Украина, конкурентноста, миграцијата и проширувањето на ЕУ

Првиот човек на Европскиот совет, Антонио Кошта, од денеска до вторник ќе престојува во тридневна посета на Бугарија во чии рамки со највисоките претставници на бугарските власти ќе разговара за клучните приоритети на ЕУ, регионалната стабилност и важноста од координирана акција за справување со заедничките предизвици.
„Со нетрпение ја очекувам мојата посета на Бугарија за да разговарам за приоритетите на Европската Унија и да дознам повеќе за придонесите на земјата во нашите заеднички напори за поттикнување на иновациите и градење позелен и попаметен континент. Со нетрпение очекувам да видам со свои очи како нашите заеднички политики се преточуваат во реални, најсовремени проекти кои им користат на животите на луѓето и го подобруваат нашиот заеднички просперитет“,
изјави Кошта пред посетата.
Тој најави дека ќе се разговара за одбраната и конкурентноста во напорите за зајакнувањето на европската економија, подобрувањето на безбедноста и зајакнувањето на територијалната кохезија.
„Силата на ЕУ лежи во единството. Само со здружување на нашите вештини и способности можеме да се справиме со нашите сегашни предизвици и да обликуваме одржлива, конкурентна и безбедна иднина за сите Европејци“,
дополни претседателот на Европскиот совет.
За време на посетата, предвидени се негови средби со бугарскиот претседател Румен Радев и со премиерот Росен Желјазков, со кои ќе разговара за тековните и идните активности во неколку области, вклучувајќи ја европската одбрана, поддршката за Украина, конкурентноста, миграцијата и проширувањето на ЕУ.
Кошта ќе се сретне и со локални лидери, бизнис-иноватори, студенти и истражувачи.
Предвидено е Кошта да ги посети фабриката „Арсенал“ во Казанлак, Центарот за аквапонија при Универзитетот „Тракија“ во Стара Загора, а потоа и Пловдив, како и уметничкиот центар Филипополис и Институтот за компјутерски науки, вештачка интелигенција и технологија (ИНСАИТ) во Софија.