Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел денеска ќе биде во посета на земјава. Мишел попладнево ќе допатува од Тирана на средба прво со претседателот Стево Пендаровски, кој ќе му биде домаќин за време на еднодневната посета.
Претседателот на Европскиот совет, пред околу еден месец, во интервју за неколку европски весници, оцени дека до мај, кога ќе биде одржан Самитот ЕУ-Балкан во Загреб, треба да биде јасно како ќе изгледа реформата на ЕУ и дали тоа би било формален услов за согласност за Унијата да ги почне преговорите со Северна Македонија и Албанија.
Посетата на првиот човек на Европскиот совет доаѓа десетина дена откако во Скопје допатува еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Оливер Вархеји, кој ја потврди европската перспектива за Западен Балкан и најави дека повторно ќе биде побаран почеток на преговори за Северна Македонија, за што ќе одлучува Советот во март. Вархеји, исто така, потенцираше дека добар сигнал за Европската Унија ќе биде и доколку законот за Јавно обвинителство биде донесен пред распуштањето на Собранието во февруари.
Нема извештај на 29 јануари
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен минатата недела изјави дека овие шест месеци ќе бидат клучни за односите меѓу ЕУ и Западен Балкан и најави дека ЕК до крајот на месецот се очекува да излезе со новата методологија за проширување, но вчера портпаролката на Комисијата Ана Писонеро ги потврди шпекулациите дека извештајот за новата методологија на преговорите нема да биде објавен на 29 јануари како што се очекуваше.
Писонеро порача дека ЕК никогаш официјално не соопштила дека извештајот ќе се објави на 29 јануари и потврди дека нема да има извештај на тој датум. Очекувањата во дипломатските кругови во Брисел се дека методологијата ќе се објави една недела подоцна, на 5 февруари.
Извештајот за новата преговарачка методологија на ЕУ во процесот на проширување е еден од неформалните услови побарани од страна на Франција, услов кој го поддржуваат и низа други земји членки на ЕУ.
Таа додаде дека во пресрет на состанокот на шефови на држави и влади на ЕУ и Западниот Балкан во Загреб во мај ќе биде објавен и економски инвестициски план за Западниот Балкан чија цел е да се „интензивира присуството“ на ЕУ на Балканот, процес кој ќе им биде од корист на двете страни.