Во пресрет на средбата со Кошта, премиерот Христијан Мицкоски вчера рече дека на претседателот на Европскиот совет ќе му ги пренесе ставовите за уставните измени, кои остануваат непроменети
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска ќе престојува во Скопје во рамките на својата работна турнеја низ земјите од Западен Балкан.

Според агендата, Кошта ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски во 10:30 часот во Владата, а во 11:15 е предвидена заедничка прес-конференција во владиниот прес-центар. Освен со премиерот, претседателот на Европскиот совет ќе се сретне и со претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова.
Во пресрет на средбата со Кошта, премиерот Мицкоски вчера рече дека на претседателот на Европскиот совет ќе му ги пренесе ставовите за уставните измени, кои остануваат непроменети.
„Нашите ставови се јасни во врска со уставните измени, тука нема промена, затоа што од другата страна ние не гледаме, барем во овој момент, некаков сигнал дека има промена во однесувањето, односно од страната на нашиот источен сосед. Јас жалам што е тоа така и се надевам дека во периодот којшто следи повеќе ќе зборуваме за решенија отколку за проблеми“,
рече вчера Мицкоски.
Пред почетокот на турнејата, Кошта порача дека доаѓа за да разговара со лидерите од Западен Балкан и за да им покаже дека ЕУ е подготвена да им помогне во однос на предизвиците со кои се соочуваат.