Рускиот претседател Владимир Путин вчера му се извини на Алиев за „трагичниот инцидент“ во рускиот воздушен простор во средата, кога руската противвоздушна одбрана ги одби нападите на украинските беспилотни летала
Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, изјави дека патничкиот авион што се урна минатата недела, при што загинаа 38 лица, бил оштетен бидејќи на него било пукано од земја од Русија и додаде дека некои во Русија лажеле за причината за несреќата.

Рускиот претседател Владимир Путин вчера му се извини на Алиев за „трагичниот инцидент“ во рускиот воздушен простор во средата, кога руската противвоздушна одбрана ги одби нападите на украинските беспилотни летала.
Во соопштението на Кремљ не се вели дека Русија го соборила авионот, само се наведува дека е покрената кривична постапка.
„Нашиот авион беше соборен случајно“,
изјави Алиев за државната телевизија, додавајќи дека авионот бил под некаков вид електронски пречки, а потоа било пукано кон него додека се приближувал кон јужниот руски град Грозни.
„За жал, во првите три дена слушнавме само апсурдни верзии од Русија. Бевме сведоци на јасни обиди да се прикрие ова прашање“,
додаде Алиев, цитирајќи изјави во Русија кои го припишаа падот на птици или експлозија на плинска боца.
Азербејџанскиот претседател, кој има блиски врски со Русија и се школувал на еден од врвните универзитети во Москва, рече дека сака Русија да прифати оти е виновна за соборувањето на авионот и да ги казни одговорните за фаталното оштетување на авионот.
Путин и Алиев оствариле уште еден телефонски разговор, соопшти Кремљ. Од Кремљ не соопштија детали, но во саботата рекоа дека официјална истрага за тоа што се случило е во тек.
Летот J2-8243 на „Азербејџан ерлајнс“ се урна во близина на казахстанскиот град Актау во средата, откако беше пренасочен од јужна Русија, каде украинските беспилотни летала напаѓаа неколку градови.
Четири извори запознаени со прелиминарните наоди од истрагата на Азербејџан за несреќата, изјавија за Ројтерс во четвртокот дека руската воздушна одбрана го соборила по грешка.
