Препукувањата меѓу двајцата хрватски функционери започнаа на комеморацијата во Јасеновац, кога Пленковиќ одби заедно со Милановиќ да положат венец
Воочи утрешната комеморација по повод годишнината од воено-полициската операција „Блесок“ во Окучани, нетрпеливоста во хрватскиот државен врв повторно исплива во јавноста.

Претседателот Зоран Милановиќ и премиерот Андреј Пленковиќ уште еднаш, за кратко време, јавно си разменија навреди.
Се започна кога претседателот Милановиќ го нарече премиерот Пленковиќ „Пленкошек“, а премиерот за Милановиќ рече дека очигледно нема што да прави, па му ја посочи поговорката со ѓаволот и јарињата.
Препукувањата меѓу двајцата хрватски функционери започнаа на комеморацијата во Јасеновац, кога Пленковиќ одби заедно со Милановиќ да положат венец.

„Нема заедничко положување венци, ниту ќе има, треба да се навикнеме на тоа. Не сме толку очајни“,
рече Пленковиќ, одговарајќи на предлогот на Милановиќ.
Милановиќ по ова рече дека Пленковиќ го избегнува и предупреди: „Подгответе се за циркусот во Окучани “.
Пленковиќ му одговори дека нема да има циркус поради тоа што делегациите ќе дојдат една по друга, оценувајќи го коментарот како несоодветен.
Тој истакна дека ќе покаже почит во Окучани за паднатите бранители кои ја ослободија западна Славонија и повтори дека нема да има заеднички венец од државниот врв.
„Цврсто стојам на тоа – нема глума, нема преправање на единство на церемонијата со положување венци заедно. Тој е претседател на Републиката и го положува својот венец, хрватскиот парламент го положува својот венец, владата има свој венец“,
рече Пленковиќ.
Милановиќ смета дека со ваквиот однос, најголема штета се прави на армијата, чии припадници ќе мора да застанат и да чекаат да положат венци сите делегации, поради што најави дека, како врхоовен командант на армијата можеби ќе им каже да не доаѓаат во Окучани.
Тоа предизвика реакции во владата и од поединци од ХДЗ.
Коментирајќи ги изјавите на Милановиќ во врска со армијата, Пленковиќ рече дека тоа покажува дека претседателот ја политизира Армијата и дека тоа е „најлошото нешто што може да го направи некој што е наводно командант на Војската“ на годишнината од „Блесок“.
„Тоа покажува колку (Милановиќ) е под нивото на функцијата за која тој доби доверба благодарение на (Мирослав) Шкоро и други како него“, рече Пленковиќ и додаде:
„Ја знаете поговорката, оној кој нема работа и прави нешто со јарињата. Ова се тривијални теми кои не ме интересираат“,
ја пренесе изјавата на Пленковиќ загрепскиот портал 24 часа.
Порталот потсетува и на изјавите што претходеа на сè, како на пример кога Милановиќ го спореди Пленковиќ со „нилски коњ“, и меѓу другото рече дека тој е Кенеди, а дека Пленковиќ е Хрушчов.
Минатата година Милановиќ и Пенковиќ положија заеднички венец, но претседателот демонстративно ја напушти церемонијата откако некои ветерани се појавија во маици на ХОС со усташкиот поздрав „За дом спремни“.