Таа додаде дека работата на советот со еден член помалку нема да го оневозможи одлучувањето бидејќи одлуките се носат со осум од петнаесет члена
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вели дека не предложила наследник за членот на Судскиот совет, Миљазим Мустафа, чиј мандат истекува утре. Како причина за оваа одлука, таа ја наведе критиката кон досегашната работа на Судскиот совет, како и несоодветните критериуми во актуелниот Закон за Судскиот совет.
Сиљановска-Давкова нагласи дека ќе го почека донесувањето на новиот закон за Судскиот совет во Собранието. Таа објасни дека лошиот закон овозможува политизација и партизација во Судскиот совет, не само за двајцата членови што ги предлага претседателот туку и за оние од Собранието, како и за оние што ги избираат судиите.

Претседателката потсети дека по Оценската мисија на ЕУ било заклучено оти една од најважните реформи во судството треба да започне со разговор со експерти по уставно и казнено право.
„Сугерирано ми е, и мислам дека е тоа во ред, да го почекам донесувањето на законот, министерот тврди дека тоа ќе оди брзо, решенијата од новиот закон се многу построги, попрецизни, појасни“,
истакна Сиљановска-Давкова одговарајќи на новинарски прашања на настанот на Комисијата за заштита од дискриминација „Разговори за еднаквост“, на тема „Право на домување на Ромите“.
Таа додаде дека работата на Советот со еден член помалку нема да го оневозможи одлучувањето бидејќи одлуките се носат со осум од тринаесет члена. Инаку, членови на Судскиот совет по службена должност се и претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, но тие немаат право на глас при донесувањето одлуки.
Претседателката нагласи дека не сака да постапува „во последниот воз или налет по стариот закон“, каде што не е јасно дефинирано што е „истакнат правник“, а постапката за избор не е конкурентна, често со само еден кандидат. Според неа, новиот закон ќе воведе решенија што ќе обезбедат секој нов член на Судскиот совет да ги исполни потребните квалификации.
Сиљановска-Давкова оцени дека новиот закон предвидува многубројни и квалитетни измени. Како пример, таа посочи дека во сегашниот закон се бара правосуден испит за професори по право, покрај магистратура и докторат, што го оцени како „многу чудно решение“ кое оневозможува избор на лица кои со своето знаење, дигнитет и интегритет би можеле позитивно да влијаат. Особено важно е што новиот закон предвидува големи измени и во самата постапка за избор.
Претседателката информира дека денеска ќе испрати писмо до претседателот на Собранието со образложение дека ќе го почека новиот закон.
„Денеска ќе го испратам писмото до претседателот на Собранието, бидејќи Собранието го врши изборот, со причините заради кои мислам дека кога мерите, е подобро да го почекате донесувањето на новиот закон бидејќи по него сите други ќе се регрутираат, односно избираат, одошто на некој начин да го легитимирате и законот што жестоко сте го критикувале, ама и работата на Судскиот совет која не би сакала уште еднаш да ја оценам“,
рече претседателката.
Министерството за правда на крајот на јуни годинава информираше дека предлог-законот за Судски совет е влезен во владина процедура откако претходно беше испратен на мислење до Венецијанската комисија.
Оттаму посочуваат дека особено значајно е што Венецијанската комисија го препознала транспарентниот и инклузивен процес при изработка на предлог-законот кој се одвиваше преку јавни расправи, експертски консултации со вклучување на сите клучни чинители.
Откако ќе биде усвоен на Влада, од Министерството за правда очекуваат предлог-законот наскоро да биде усвоен и во Собранието.
Инаку, Миљазим Мустафа беше избран за член на Судскиот совет во Собранието на 9 јули 2019 година, на предлог на поранешниот претседател Стево Пендаровски.