Ангажманот на припадниците на Армијата следува по прогласувањето кризна состојба од страна на Владата

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, согласно Законот за управување со кризи, потпиша одлука за учество на дел од Армијата во гаснењето на пожарите, информираат од нејзиниот Кабинет.
Ангажманот на припадниците на Армијата следува по прогласувањето кризна состојба од страна на Владата.
Генералштабот на Армијата ќе го одреди начинот на нејзиниот ангажман.
„Претседателката е во тек со состојбата со пожарите и изразува загриженост и сочувство со засегнатите сограѓани“,
се вели во соопштението од Кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Како што информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК), Армијата, со ангажман на вкупно 157 припадници, активно учествува во гаснењето на повеќе позиции. Приоритет е пожарот кај касарната „Ѓорче Петров“, каде што се ангажирани 60 припадници. Во селото Николиќ се распоредени 60 припадници, во Крива Паланка дејствуваат 30 припадници, а една екипа од АБХО е ангажирана на пожарот во Визбегово.
По барање на ЦУК, грчки канадери веќе дејствуваат на пожарот кај с. Николиќ, во близина на Дојран, заедно со две грчки противпожарни екипи.
„Ертракторот“ на Дирекцијата за заштита и спасување дејствува во Крива Паланка, додека хеликоптерот на Министерството за внатрешни работи е упатен кон селото Орман, општина Ѓорче Петров.
Од ЦУК информираат дека до 18:00 часот, на територијата на државата се евидентирани вкупно 25 пожари на отворен простор, од кои 21 се активни, а четири се изгаснати.
Активни пожари: 21
- Општина Македонски Брод – помеѓу с. Црешнево, с. Локвица и с. Слатин (деградирана дабова шума и грмушки)
- Општина Македонски Брод – с. Самоков (опожарен лесно запалив материјал)
- Општина Македонски Брод – с. Рамне (ниска вегетација, проширен од фабриката Самоков)
- Општина Чашка – под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка, каде нема активен пламен, туку чад во карпест дел (шумски пожар)
- Општина Чучер Сандево – помеѓу селата Блаце и Чучер (мешана шума и ниска вегетација)
- Општина Дојран – с. Николич (нискостеблеста шума)
- Општина Шуто Оризари – депонија
- Општина Ѓорче Петров – с. Орман и с. Волково (запалени куќи)
- Општина Кочани – Осогово (шума)
- Општина Петровец – с. Кожле (шума)
- Општина Радишани – сува трева, деградирана вегетација
- Општина Ѓорче Петров – гробишта зад касарната
- Општина Ѓорче Петров – стопански двор (ниска вегетација)
- Општина Гази Баба – Јурумлери (ниска вегетација)
- Општина Сарај – Семениште (ниска вегетација)
- Општина Старо Нагоричане – с. Младо Нагоричане и с. Клечовце (нискостеблеста деградирана вегетација)
- Општина Крива Паланка – населба Лозаново (шума)
- Општина Тетово – Желино, с. Ларце (ниска вегетација)
Изгаснати пожари: 4
- Општина Бутел – с. Лубанци (ниска вегетација)
- Општина Старо Нагоричане – нискостеблеста шума и сува трева
- Општина Демир Хисар – Ново Село (помошен објект – плевна)
- Општина Прилеп – с. Веселчани (сува трева)