Шефицита на словенечката држава, Наташа Пирц Мусар, е познат вљубеник во возењето мотори. Во мај учествуваше и на „бајкерски“ собир за жени мотоциклистки во Љубљана, каде имаше и разговори со граѓаните
Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, и министерката за надворешни работи Тања Фајон објавија дека денеска излегле на сладолед. Но, на сладоледот претходело заедничко возење со мотори до дворецот Стрмол, на околу 30 километри северно од Љубљана.

Фотографиите од заедничкото возење и мини излет ги објави претседателката на државата. Преку коментар таа порачува:
„Попладневен одмор. Конечно се договоривме и тргнавме со мотори до Стрмол на сладолед. Уживање. Одмор. Девојките на мотор се закон.“
Претседателката на Словенија ни досега не ја криела својата љубов за возење на мотори. Во мај присустувала на собир на жени „бајкерки“ во Љубљана. Околу 250 мотоциклистки потоа заедно возеле низ улиците на главниот град на Словенија.
На една од попатните станици таа разговарала со насобраните, а потоа оддржала и краток говор во кој нагласила колку е важно жените меѓусебно да се подржуваат, било на асфалтот или во животот.