Јошевска-Анастасовска е адвокатка од Скопје со повеќегодишно искуство од областа на Кривичното право. Нејзината адвокатска канцеларија работи од 2008 година. Во јавноста е позната и по настапите во медиумите на теми од правосудството. Таа е и бранител на еден од обвинетите во судскиот процес за пожарот во Кочани
Кадри-Шахиновиќ е универзитетска професорка со академска кариера на Факултетот за правни и политички науки при ФОН, како и на универзитетот МИТ. Таа беше дел од претседателската Комисија за помилување, чии членови колективно поднесоа оставки по реакциите од јавноста дека помилувале осуденик, член на скопска криминална група
Адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска и професорката Арлинда Кадри-Шахиновиќ се предлозите на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за членови во Судскиот совет.

Во Собранието денеска се доставени предлозите за избор на Јошевска-Анастасовска и Кадри-Шахиновиќ за членови на Судскиот совет, предложени од шефицата на државата.
Сега за овие предлози треба да се изјаснат пратениците во Собранието.
Со имињата на двете кандидатки за членови во Судскиот совет, се доставени и нивните професионални биографии.
Арлинда Кадри-Шахиновиќ е универзитетска професорка со академска кариера на Факултетот за правни и политички науки при ФОН, како и на приватниот универзитет МИТ. Таа беше дел од претседателската Комисија за помилување, чии членови колективно поднесоа оставки по реакциите од јавноста дека помилувале осуденик, член на скопска криминална група.
Сузана Јошевска-Анастасовска е адвокатка од Скопје, чија канцеларија работи од 2008 година. Во јавноста е позната и по настапите во медиумите на теми од правосудството. Таа е и бранител на еден од обвинетите во судскиот процес за пожарот во Кочани.
Предлозите на претседателката доаѓаат по усвојувањето на новиот Закон за Судски совет кон крајот на минатата година, кој ги заостри условите и процедурата за избор на членови на ова тело.
Судскиот совет брои 15 члена, од кои осум избираат активните судии, двајца се членови по функција (претседателот на Врховниот суд и министерот за правда – без право на глас), тројца избира Собранието, а двајца се избираат во Собранието по предлог на претседателот на државата. Се смета за клучен орган во судскиот систем на земјата, одговорен за избор и разрешување на судиите и претседателите на судови и за оценка на нивната работа.
Сиљановска-Давкова во новогодишното интервју за МРТ 1 најави дека две жени реформаторки ќе бидат предложени за членови на Судскиот совет.
Тогаш рече дека едната е професорка, а другата адвокатка и дека се со огромен углед во општеството.
Главната причина зошто токму сега предлага членови во Судскиот совет е тоа што го чекала новиот Закон за Судски совет, во кој вели дека една од најважните промени е воведувањето построги критериуми за тоа кој може да биде кандидат за член. Во претходното законско решение стоеше само одредницата „истакнат правник“, што според Сиљановска-Давкова е чудна синтагма што загубила секакво значење.
Собранието на 29 демекври 2025 година, со 73 гласа „за“ и еден „воздржан“ го донесе Законот за Судски совет. Главната цел на законските измени е да ги отстранат утврдените слабости во постојната правна рамка и да обезбедат пофункционален, транспарентен и отчетен Судски совет.
Клучни новини предвидени со Законот се јавност во постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет, прецизирање на критериумите за избор на „истакнат правник“ и воведување јавна расправа при избор на кандидатите за несудски членови со цел поголема транспарентност и одговорност.
Во условите за избор на членови што се наведени во новиот Закон, стои дека тие што ги избира Собранието, како и оние што се на предлог на претседателката, се од редот на универзитетски професори по право, адвокати, поранешни судии на Уставниот суд, поранешни судии на меѓународни судови и други истакнати правници.
