Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 3 до 8 Целзиусови степени

Денеска претпладне нè очекува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините. Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, попладне и во текот на ноќта врнежите насекаде ќе бидат од снег.
Пообилни врнежи ќе има во западните делови, при што висината на снежната покривка на планините ќе се зголеми за 20 центиметри, а во останатите места од 5 до 10 центиметри. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 3 до 8 Целзиусови степени.
Во Скопје претпладне ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд и снег, кои попладне и во текот на ноќта ќе бидат само од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне 4 Целзиусови степени.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи, утре ќе има локални врнежи од снег и ќе дува засилен северен ветер, кој ќе продолжи и во понеделник.
Од почетокот на следната седмица некаде утринските температури ќе се спуштат и под -10 степени, а дневните ќе се задржат под нулата.
