Ниту една партија не ја предводела германската влада толку долго како Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на Ангела Меркел. Од 72 години постоење на Сојузна Република Германија, ЦДУ ја „окупира“ канцелариската функција дури 57 години.
Меѓутоа, денеска објавеното истражување на агенцијата Форса анкета покажува дека оваа партија би можела да ги загуби престојните избори и за прв пат, власта во Германија да ја преземе партијата на Зелените.

Имено, според анкетата на „Форса“, Зелените го презеле водството пред коалицијата на сестринските партии ЦДУ/ЦСУ. Резултатите покажуваа дека поддршката за Зелените изнесува 28 проценти и имаат комотна предност со оглед дека поддршката за ЦДУ/ЦСУ е падната за 6 отсто и изнесува 21 процент.
Објавувањето на оваа анкета се совпаѓа со денот кога ЦДУ и ЦСУ објавија дека нивен кандидат за канцелар на изборите во септември годинава ќе биде Армин Лашет. Негов конкурент во коалицијата беше лидерот на ЦСУ, Маркус Зедер, но двете партии постигнаа согласност во трката за наследник на Ангела Меркел да влезат со Лашет.
Лашет застана на чело на ЦДУ во јануари годинава, но, според анкетата на „Форса“, неговата почетна позиција на патот кон канцеларската функција е незавидна.

Од друга страна, пак, Зелените за првпат се во позиција да добијат свој канцелар. Нивниот растечки рејтинг во последните неколку години ги охрабри првпат во историјата да номинираат свој кандидат. Вчера објавија дека се одлучиле за Аналена Баербок, која е една од копретседателите на партијата, а нејзината номинација треба да биде официјализирана на партиски конгрес во јуни.
Баербок, пишува „Дојче веле“, по 1949 година би била втора жена по Ангела Меркел која конкурира за највисоката функција во Владата.
Долгогодишната канцеларка, Ангела Меркел, своето повлекување го најави во 2018 година. Таа тогаш се повлече од челната позиција во ЦДУ, а во септември ќе се збогува и од функцијата канцеларка. Меркел ја предводеше ЦДУ од 2000 година, додека на чело на германската влада е од 2005.