„Вечните“ лидери на босанската политичка сцена, досегашните водачи на српската и на бошњачката заедница, Милорад Додик и Бакир Изетбеговиќ доживеаја дебакл на вчера одржаните избори во Босна и Херцеговина (БиХ). Изетбеговиќ истакна дека не можел да победи коалиција од 11 партии и неколку амбасади, а Додик не сака да признае дека е поразен и укажува дека треба да се почекаат официјалните резултати
За прв пат по Дејтонскиот договор од 1996 година, со кој беше востановено тричлено Претседателство на БиХ со по еден претставник од секоја национална заедница, бошњачката заедница за член на Претседателството на БиХ не избра политичар од т.н. стара гарда, односно некој од поранешните блиски соработници на Алија Изетбеговиќ. Неговиот син Бакир, и тој поранешен член на Претседателството, доцна синоќа призна дека ги изгубил изборите од неговиот противкандидат, предводникот на опозициската коалиција, социјадемократот Денис Беќировиќ. Во својата изјава, Изетбеговиќ се пожали дека не можел да и се спротистави на коалицијата составена од 11 партии и како што рече, неколку амбасади.
Идниот претставник на бошњачката заедница во Претседателството на БиХ Денис Беќиревиќ, на прес-конференцијата по прогласувањето на победата истакна дека неговиот убедлив триумф ќе претставува пресврт во политиката и дека тој ќе ја води земјата кон забрзана интеграција во ЕУ. Им порача на официјален Белград и на Загреб дека подава рака на пријателство и побара што поскоро затворање на сите отворени прашања кои ги оптоваруваат односите во регионот.
ТРИВИЌ ПРОГЛАСИ ПОБЕДА, ДОДИК ГИ ЧЕКА ОФИЦИЈАЛНИ РЕЗУЛТАТИ
Доколку предизборните анкети и истражувања, како и очекувањата на аналитичарите во Сараево навестуваа пад на династијата на Изетбеговиќ, вистински политички земјотрес се случи во Бања Лука.
По цели 37 години на високи позиции во политиката, актуелниот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, е на пат да биде поразен во битката за претседател на Република Српска.
Нешто пред полноќ, неговата противкандидатка, универзитетската професорка Јелена Тривиќ прогласи победа со освоени 52 отсто од гласовите. Вети драматичен прекин со политиката на Додик, расчистување со криминалот и корупцијата и изградба на богата и силна Република Српска во сложената политичка структира на која се нарекува Босна и Херцеговина.
Интересно е дека државната телевизија РТРС, која важи за медиум под целосна контрола на Додик, не ја емитуваше нејзината изјава.
По долгочасовниот молк, во 1 часот по полноќ се обрати и Додик, но тој не сакаше да ги коментира неофицијалните резултати, велејќи дека, според до моментот стигнатите податоци од општинските изборни комисии, тој е во водство пред Тривиќ.
Додека Додик зборуваше на прес-конфернцијата, низ улиците и плоштадите на Бања Лука и на останатите градови на Република Српска, бројни симпатизери и поддржувачи на Тривиќ ја прославуваа нејзината победа.
Утеха за Додик е фактот дека неговата кандидатка за член на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ оствари победа и ќе биде претставник на српската заедница во ова тело, додека Изетбеговиќ може да биде делумно задоволен бидејќи неговата партија СДА доби најголем број гласови на изборите за федералниот парламент.
Хрватската демократска заедница прогласи победа иако нивната кандидатка, Борјана Кришто, убедливо беше поразена од реизбраниот член на Претседатателството на БиХ од редот на Хрватите, поранешниот лидер на социјалдемократите, Жељко Комшиќ.