Судијката Моника Бахчовановска, пред објавата на пресудата прочита вештачење од психијатар на обвинетиот, во кое се оценува дека е психички здрава личност со нормална интелигенција

Доживотен затвор доби Елвин Куртовиќ по признание на вина за убиството зад трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје на 20 август минатата година.
Судијката Моника Бахчовановска, пред објавата на пресудата прочита вештачење од психијатар на обвинетиот, во кое се оценува дека е психички здрава личност со нормална интелигенција.
„Вештачењето покажува дека од увидот во казнената евиденција од 16 години е осудуван за кражби, насилство, сообраќајки, фалсификување…, а имал и пресуди во странство. Од почетокот на адолесценцијата имал проблеми и асоцијалност, изразено непочитување на социјални норми и невозможно одржување на трајни релации, ниска толеранција и склоност кон насилство. Кога го сторил кривичното дело, бил во секој момент пресметлив и со уредно психичко здравје“,
изјави судијката Бахчовановска.
Според обвинението, лицето се товари за убиство, убиство во обид и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи.
Основното јавно обвинителство Скопје на 17 декември поднесе обвинение за убиство и убиство во обид против лицето.
Обвинетиот, како што посочуваат од ОЈО Скопје, од користољубие со истрел од пиштол го усмртил оштетениот Васил Ефтимов, по што со пиштолот ѝ се заканил и на неговата сопруга. Од неа ја одзел торбата што ја носела на рамото и гајба покриена со шаторско крило во која имало различен рачен алат, а која ја имале во возилото.
Подоцна во текот на истиот ден, кога полициски службеници го пресретнале обвинетиот заедно со уште едно лице во автомобил на улицата „Стојна Стефкова“ во Скопје, тој излегол од совозачката врата и кон четворицата полицајци испукал 3 проектили во обид да ги лиши од живот.
Во самоодбрана, полицајците со службено оружје испукале неколку предупредувачки проектили во воздух, по што успеале да го совладаат обвинетиот, кога тој го фрлил пиштолот и бил уапсен.