Во соопштението Општиот суд на Европската Унија изјави дека Комисијата не успеала убедливо да објасни зошто смета дека текстуалните пораки разменети во контекст на набавката на вакцини против коронавирусот не содржат важни информации

Европската комисија погреши кога одби да ги објави текстуалните пораки меѓу Урсула фон дер Лајен и извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, во екот на пандемијата на коронавирусот, пресуди највисокиот суд на Европската Унија, објави „Политико“.
Новинарите бараа увид во тајните пораки меѓу претседателката на Комисијата и раководителот на фармацевтска компанија, кои ги размениле во пресрет на потпишувањето на договорот за вакцини вреден повеќе милијарди долари меѓу „Фајзер“ и ЕУ. Оваа пресуда би можела да има големи последици врз транспарентноста и одговорноста во ЕУ и претставува сериозен удар врз угледот на Урсула фон дер Лајен.
Во соопштението Општиот суд на Европската Унија изјави дека Комисијата не успеала убедливо да објасни зошто смета дека текстуалните пораки разменети во контекст на набавката на вакцини против коронавирусот не содржат важни информации.
Постоењето на овие пораки, кои Комисијата првично не ги потврди, беше откриено во интервјуто што Фон дер Лајен го даде за „Њујорк тајмс“ во 2021 година. Меѓутоа, извршната власт на ЕУ изјави пред судот во Луксембург за време на сослушувањето минатата година, дека нивната содржина не е доволно значајна за да се смета за документи и затоа не се регистрирани или достапни за новинарите.
„Комисијата не може само да тврди дека ги нема бараните документи, туку мора да даде веродостојни објаснувања што ќе им овозможат на јавноста и на Судот да разберат зошто овие документи не можат да се најдат“,
се вели во соопштението на судот.