Вооружената престрелка се одвивала помеѓу лица од две возила, при што се случила и сообраќајна несреќа, по што возилата го напуштиле местото на инцидентот
Едно лице почина, а четворица, меѓу кои и малолетно девојче, се повредени во вооружена престрелка која денеска се случила во Тетово. Престрелката се одвивала помеѓу лица од две возила, при што се случила и сообраќајна несреќа. Инцидентот се случил на крстосницата од улица „Илинденска” со улица „Благоја Тоска”.ж

Двете возила го напуштиле местото. Едното се упатило кон улицата „113“, а другото во непознат правец.
„Од добиени сознанија од граѓани и очевидци, добиена е информација дека возилото што се упатило кон улица ‘113’ е патничко возило ‘форд фиеста’ со тетовски регистарски таблички. Од извршената проверка било констатирано дека се работи за одјавени регистарски таблички од истото возило, сопственост на лицето Е.М. (19) од с.Гајре, Тетовско“,
наведуваат од МВР.
На крстосницата од улицата „Благоја Тоска” со улицата „107″, пак, како што информираат од МВР, бил пронајден автомобил ,,фолксваген голф” во кој се наоѓало починато лице со прострелни рани од огнено оружје. Автомобилот бил со тетовски регистарски ознаки, а во сопственост на извесен Ф.Р. (46) од Тетово.
Во престрелката се повредени вкупно четири лица. Во Клиничката болница Тетово е пренесено малолетното девојче од Тетово, кое е задржано на опсервација. Другите две лица како итни случаи се пренесени на Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Со повреди се здобил и 60-годишен пешак од Тетово кој бил случаен минувач и кој, исто така, е пренесен на скопските клиники.
„За настанот е формиран тим со кој раководи дежурен јавен обвинител при Основното јавно обвинителство Тетово и увидна екипа од СВР Тетово. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
велат од МВР.