Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во изјава за МИА потврдил дека во престрелката е повреден возачот на градоначалникот, а пукано е и кон лице вработено во Општината. Засега нема информации за состојбата на Ибраими
Најмалку едно лице е повредено во вооружен напад што денеска попладне се случил во скопско Арачиново.
Како што објави МИА, пукано било кон автомобилот во кој се превезувал градоначалникот на оваа општина, Ридван Ибраими. Покрај него, во моментот на пукањето во возилото се наоѓале и неговиот возач и лице вработено во Општината.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во изјава за МИА потврдил дека во престрелката е повреден возачот на градоначалникот, а пукано е и кон лице вработено во Општината. Засега нема информации за состојбата на Ибраими.
Повредениот во моментов е пренесен во Ургентниот центар во Скопје.
Директорот на Клиниката за торакална хирургија во скопскиот Клинички центар, Неџати Јакупи, во изјава за Телма информира дека на Клиниката е донесено момче на околу 30 години со прострелни рани во градниот кош.
„Раните се за итна операција поради што веќе влегуваме во сала“,
изјави Јакупи за Телма.
Неофицијално, во престрелката е повредено уште едно лице.
Директорот на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ Скопје, Љубен Арсенков, во изјава за „360 степени“ информира дека денеска околу 14 часот на Клиниката бил донесен 39-годишен пациент со прострелна рана во десното рамо, за кој вели дека најверојатно бил повреден во нападот во Арачиново.
„Во тек се испитувања. Пациентот е надвор од животна опасност и е пренесен на интензивна нега“,
изјави Арсенков за „360 степени“.
Полициски екипи во моментов се на местото на несреќата, а влезот во Арачиново е блокиран.