Зоран Заев треба да биде поддржан, а не поткопуван, бидејќи оди по тенко јаже и се соочува со силно противење од опозициските националистички сили во земјата, се вели во колумната на Том Елис, главен уредник на англиската верзија на весникот „Катимерини“.
Во контекст на ситуацијата со македонската фудбалска репрезентација, Елис напоменува дека многу се пишуваше во медиумите, но освен што се израдуваа неколку националисти, земјата не доби ништо конкретно, туку напротив.
„Организаторите на Европското првенство, од своја страна, го направија она што е соодветно, поддржувајќи ја меѓународната практика за употреба на официјалното име на земјата, како што е наведено во договорот од Преспа. Премиерот на Северна Македонија се извини за твитот што го сподели споменувајќи го името ‘Македонија’, велејќи дека тоа е грешка. Сепак, тука постои поголемата слика. Зоран Заев оди по тенко јаже и мора да биде поддржан, а не поткопуван, бидејќи се соочува со силно противење од националистичките сили во неговата земја. Некои ќе речат дека неговите проблеми немаат никаква врска со нас, но ова е погрешно, особено сега, бидејќи договорот од Преспа во 2018 година е сè уште во рана фаза“,
пишува Елис.
Според него, Грците треба да сфатат дека спроведувањето на договорот од Преспа е и од нивен национален интерес, иако никој не добива сè што ќе посака кога нешто се договара со компромис. Тој вели дека грчката влада треба на меѓународно ниво јасно да соопшти дека го поддржува договорот и дека жестоко се спротивставува на какво било националистичко величење или сценарија за прекројување на границите.
„Поранешната влада преговараше и го ратификуваше договорот, aктуелната влада повеќе пати истакна дека Грција ќе биде конзистентна како земја и ќе ги поддржува своите меѓународни договори и обврски. Дали некои Грци сакаат да видат како заживува Голема Албанија? Дали сакаат тензии во регионот? Или поамбициозни побарувања, како територијални? Дали сакаат да видат како се зголемува влијанието на одредени трети страни?“,
пишува Елис.
Додава дека Грција е клучен фактор за стабилноста на Балканот, затоа спроведувањето на договорот од Преспа е од национален интерес за Грците.