Говорниците на првиот панел, како позитивен пример ја посочија улогата на граѓанскиот сектор и медиумите, додека во случајот со Бугарија сметаат дека доминира наративот на политичарите, што е грешка
„Искрено жалам што на Советот на ЕУ не се донесе одлука за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија заради ставот на една држава. Билатералните прашања, како актуелното со Северна Македонија и Бугарија не треба да бидат препрека за интегративниот процес “, рече германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот, во видеообраќање на еден од панелите на Конференцијата на „Преспа форумот“, која денеска започна во Охрид и Отешево.
Рот говореше на панелот посветен на граѓанското општество и медиумите, рече дека без енергично граѓанско општество не може да има функционална демократија и потенцира дека активизмот на цивилниот сектор има многу голема улога во справувањето со остатоците од минатото.

Германскиот министер напомена дека С Македонија вложила огромни напори за создавање на мултиетничко општество 20 години по Охридскиот рамковен договор, а за одржување на овие вредности се потребни слободни и независни медиуми, бидејќи непристрасното известување е најдобар начин за борба против внатрешните и надворешните дезинформации.
И Флоријан Бибер, професор на Универзитетот во Грац Австрија и член на Советодавната група за јавна политика – Балканот во Европа (БИЕПАГ), знавач на состојбите во регионот на Западен Балкан го дели ставот на Рот дека ЕУ не го исполнила своето ветување до земјите во регионот.

„Се бара имплементација на законите и политика на заложба и посветеност и можеме да видиме дека кај некои земји има заложба и посветеност, но земјите-членки треба појасно да им ги посочуваат на земјите од регионот проблемите на кои треба да работат“,
рече Бибер и упати и порака до властите на земјите аспиранти дека не смеат да го напаѓаат цивилниот сектор и медиумите:
„Земја, која сака да стане членка и ги исполнува правните барања, но има критичен однос кон медиумите и граѓанското општество, тоа не може да го направи“,
порача Бибер.
Професорот Јанис Армаколас, ја критикуваше Грција за како што рече нејзината двосмисленост – од една страна е силен поддржувач на пристапувањето на Западен Балкан кон ЕУ, но, истовремено ја блокирала Северна Македонија.
„Грција сега е во можност посилно да се залага за интегрирањето на регионот во Унијата, затоа што го решивме спорот со името. И покрај проблемите во однос на спроведувањето на Договорот, сметам дека Преспанскиот договор ќе остане и оти тоа партнерство ќе опстане“,
додаде Армаколас.
Домаќинот, министерот за правда Бојан Мариќ говореше за неговото искуство како дел од граѓанскиот сектор пред да дојде на функцијата.

Тој смета дека во случајот со Преспанскиот договор граѓанското општество и во С Македонија и во Грција одигра важна улога во неговото постигнување, со тоа што ги изградиле мостовите, кои им оневозможиле на политичарите да доминираат со агендата.
Но, за актуелниот спор со Бугарија вели тоа не е случај и има целосна доминација на политичарите.
„Во спорот со Бугарија со цел наратив доминираат политичарите, а прогресивните медиуми не си ја завршија својата работа. Се надевам дека ова ќе се смени во иднина и ги поттикнувам граѓанските организации и медиумите да придонесат кон градење мостови меѓу нашата држава и Бугарија“,
рече Маричиќ на панелот.
Во однос на улогата на медиумите, тој говореше за лажните вести и дезинформациите, напоменувајќи дека стереотипите од кои произлегува говорот на омраза во врска со регионалните етноцентрични прашања се погодни за пласирање лажни вести преку електронските медиуми.
Затоа смета дека улогата на медиумите е од исклучително значење во кршењето на стереотипите и тие треба да бидат своевидна брана против говорот на омраза, хранењето на стереотипите и ширењето на лажните вести, за што се потребни слободни медиуми.
Меѓународната конференција „Западен Балкан: делот што недостига за Европа да биде целосна” се одржува денеска и утре во Охрид и Отешево со учество на околу 300 учесници, високи домашни претставници, но и високи претставници на Европа и САД, меѓу кои премиери, претседатели, министри, генерални секретари на меѓународни организации, европратеници, претставници на граѓанскиот сектор. За настанот се акредитирани над 100 домашни и странски новинари.
