Во акцијата, како што информираат од Обвинителството, девет лица се лишени од слобода, меѓу нив и две деца на возраст над 16 години за кои е утврдено дека се во судир со законот. По две осомничени лица полицијата и натаму трага
Како што соопштија од Обвинителството, во периодот од мај до октомври годинава оваа криминална група илегално пренела најмалку 86 мигранти
Полициски екипи под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) спровеле акција на повеќе локации во скопските општини Гази Баба и Студеничани во која е пресечен меѓународен канал за шверц на мигранти.

Во акцијата, како што информираат од Обвинителството, девет лица се лишени од слобода, меѓу нив и две деца на возраст над 16 години за кои е утврдено дека се во судир со законот, а по две осомничени лица полицијата и натаму трага.
Меѓу осомничените, според Јавното обвинителство, е и еден полицаец, како и две лица кои во моментов издржуваат затворски казни за кривичното дело криумчарење мигранти.
„Постапувајќи по кривичната пријава, јавниот обвинител донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 11 лица и подготвителна постапка за двете деца. Постои основано сомневање дека сите осомничени сториле кривично дело Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со дете и криумчарење мигранти од член 418-в и криумчарење мигранти од член 418-б од Кривичниот законик“,
се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.
Како што информираат оттаму, во периодот од мај до октомври годинава, првоосомничениот со иницијали А.Б. заедно со три неидентификувани лица – странски државјани по потекло од арапските земји, кои повремено престојувале на територијата на нашата држава, се здружиле и организирале меѓународна криминална група за илегално пренесување групи мигранти.
Мигрантите биле илегално префрлани на територијата на С Македонија од Грција, преку илегални премини на т.н. „зелена граница“ во околината на Гевгелија и Демир Капија, од каде што потоа со помош на водичи т.н.„качаци“, координирано се носеле на претходно утврдени и договорени локации. Од овие локации по насоки на организаторот на криминалната група, другите членови ги преземале мигрантите и со патнички и товарни моторни возила ги превезувале на локации во Кумановско-липковскиот регион. Оттаму мигрантите потоа биле префрлани преку територијата на Србија кон државите на Европската Унија. На идентичен начин осомничените шверцувале мигранти на територијата на земјава од Србија, преку илегални премини во околината на кумановско-липковскиот регион кон подрачјето на Гевгелија. Во ваквите случаи мигрантите најчесто биле по потекло од Индија, кои претходно веќе пристигнале и одреден временски период престојувале на територијата на Србија.

„Активностите за криумчарење се одвивале на тој начин што, првоосомничениот како организатор на претходно договорен и воспоставен начин преку телефонска и интернет комуникација, заедно со НН организаторите по потекло од арапските земји, го планирал и договарал бројот на мигрантите кои ќе бидат пренесени на територијата на РС Македонија, локацијата, времето, како и за местото каде се наоѓале мигрантите подготвени за прифаќање и понатамошно превезување. Заради засилените полициски патроли и контроли на подрачјето на Гевгелија и на Демир Капија, ‘качаците’ преку мобилните интернет-апликации, им испраќале пораки со ГПС-координати на организаторите за моменталната локација, кои понатаму организаторите ги споделувале со припадниците на групата“,
се наведува во соопштението од Обвинителството.
За успешно извршено шверцување мигранти преку територијата на земјава на првоосомничениот, како организатор на групата преку услугата за брз трансфер на пари „Вестерн јунион“ и „Риа“, како и на „рака“ му биле исплаќани парични средства кои тој понатаму ги распределувал помеѓу припадниците на организираната криминална група во зависност од нивната улога во шверцот.
Од Јавното обвинителство засега нема информацијата за сумите пари што групата ги наплаќала за шверцот на мигрантите.
Осомничениот полициски службеник, пак, дејствувал како логистика на групата. Тој, според Обвинителството, со умисла обезбедувал информации за местото и времето каде нема да има полициски контроли, патроли или заседи, односно каде по рутата по која осомничените ги превезувале мигрантите има поставени полициски пунктови.

Во периодот од мај до октомври годинава оваа криминална група илегално пренела најмалку 86 мигранти.
„Предметниот обвинител, ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот од опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, како и стравот ако се бранат од слобода дека ќе го повторат делото, до судијата на претходна постапка и судијата за деца достави предлог за определување на мерката притвор за осомничените“,
додаваат од Јавното обвинителство.