Во тековниот период производството на сурово млеко е намалено првенствено поради сушата и поскапувањата на добиточната храна од чиј увоз сме традиционално зависни. Сепак, може да се каже дека не се работи за траен недостиг на млеко, нема причини за такви стравувања. Мора да се каже и дека за перцепцијата на недостиг придонесува и зголемената побарувачка и купување поради шпекулациите дека ќе нема млеко, велат од Групацијата за производство, откуп и преработка на млеко
Производството на сурово млеко е намалено, пред се, поради сушата и поскапувањата на добиточната храна, но воопшто не може да стане збор за траен недостиг, ниту има простор за такви стравувања, велат преработувачите.
Според нив, двете страни – и преработувачката индустрија и производителите соочени со енормниот пораст на трошоците и поскапувањата на енергентите за 400-500 отсто, вложуваат максимални напори да ја зголемат откупната цена која во однос на минатата година бележи раст од околу 40 проценти, а кај фармерите со висок квалитет е и над 50 отсто.
„Предизвиците во македонската млечна индустрија не се ништо ново. Ако се потсетиме на 2011-та и 2016 година, ќе видиме дека темите биле исти. Во тековниот период производството на сурово млеко е намалено првенствено поради сушата и поскапувањата на добиточната храна од чиј увоз сме традиционално зависни. Сепак, може да се каже дека не се работи за траен недостиг на млеко, нема причини за такви стравувања. Мора да се каже и дека за перцепцијата на недостиг придонесува и зголемената побарувачка и купување поради шпекулациите дека млеко ќе нема“,
вели за МИА Ѓорѓи Петрушев, претседател на Групацијата за производство, откуп и преработка на млеко, како и на Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија во Стопанската комора на Северна Македонија.

Петрушев смета дека во ваква ситуација би помогнала најавената исплата на сите заостанати субвенции за литар предадено млеко, како и на најавените интервентни два денара за дел од млекото предадено во 2022 година.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство вчера најави дека Интервентната програма ќе биде дополнета со мерка за финансиска поддршка за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко. Пред два дена, пак, министерот Љупчо Николовски потврди дека млеко ќе има. Како што рече, ќе се обезбедуваат доволно прехранбени производи, а така ќе биде и за млекото.
Од Министерството за економија велат дека во континуитет се следи состојбата на пазарот со основните прехранбени производи во кои влегува и млекото.

„За таа цел во изминатиот период се донесоа две значајни мерки: ограничување на трговската маржа до 10 отсто на трајно кравјо млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти со важност до 30 септември 2022 и во тек се анализи за оправданост на трговската маржа и евентуално продолжување за следниот период, како и укинување на царински стапки за увоз од светот на два тарифни броеви од царинската тарифа на именување на млеко и павлака и тоа за некoнцентрирано и без дoдаден шеќер или други материи за засладување со тарифен број 0401 50 39 00 со царинска стапка од 20 отсто и за кoнцентрирано или сo дoдаден шеќер или други материи за засладување со тарифен број 0402 91 59 00 со царинска стапка од 15 отсто. Примената на укинатите царински стапки од 20 на 0 и 15 отсто на 0 проценти почна да се применува на 1 септември 2022 и ќе важи до 31 декември 2022 година“,
истакнуваат од Министерството за економија.
Владата на Србија на 6 септември годинава донесе одлука за забрана за извоз на сурово и пастеризирано млеко, освен за Северна Македонија и Албанија.
