И оваа седница, како и минатата, помина без учество на претставниците на опозицискиот СДСМ, кои најавија дека ќе ја блокираат работната група. Од Министерството за правда посочуваат дека до нив сѐ уште не е доставено официјално известување од СДСМ за нивното повлекување од процесот и (не)учеството во работната група
Препораките на ОБСЕ/ОДИХР беа во фокусот на денешната четврта седница на работната група за реформи во Изборниот законик, која, како и минатиот пат, помина без учество на претставниците на опозицискиот СДСМ – информираа попладнево од ресорното Министерство за правда.

„На седницата беа разгледани препораките што беа усогласени и прифатени со консензус од присутните членови на Работната група. На членовите ќе им биде доставен и конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР за локалните избори од 2025 година, кој содржи препораки за дополнително унапредување на изборната регулатива и практиките во спроведувањето на изборите. Значителен дел од препораките се повторуваат од претходните изборни циклуси, што ја потврдува потребата од нивно системско имплементирање“,
наведуваат од Правда.
За време на средбата, министерот Игор Филков ги информирал присутните и за дополнителните мислења и препораки што ги добил од Државната изборна комисија, Агенцијата за аудио и визуелни медиумски услуги, Државната комисија за спречување на корупцијата, претставници на граѓанскиот сектор, Државниот завод за ревизика и ОБСЕ/ДИХР, кои како што се наведува, ќе бидат разгледани на следните седници.
Од Министерството за правда посочуваат дека до нив сѐ уште не е доставено официјално известување од СДСМ за нивното повлекување од процесот и (не)учеството во работната група.
„Во таа насока, беше изразено очекување дека партијата ќе ја преиспита својата позиција и ќе продолжи да учествува во работата на групата, со цел реформите во изборното законодавство да се носат низ широк политички и институционален дијалог, во интерес на демократските процеси и довербата во изборниот систем“,
наведуваат од ресорното министерство и посочуваат дека процесот ќе продолжи да се води инклузивно и низ дијалог меѓу политички партии, институциите и засегнатите страни.
