Меѓу препораките се и лица со респираторни заболувања, мали деца, стари лица и бремени жени да избегнуваат активности на отворено. Кога е неопходно движење на отворено во области кои се во непосредна близина на опожарени места, да се користат соодветни маски

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) преку Министерството за здравство (МЗ) излезе со препораки за заштита на здравјето и благосостојбата на сите граѓани во случаи кога постои евентуален ризик од загадување на воздухот и можна изложеност на штетни материи.
Оттаму препорачуваат да се внимава на симптоми како кашлица, отежнато дишење, главоболка или иритација на очите, носот и грлото и секој што ги забележува овие симптоми веднаш да побара медицинска помош.
Лица со респираторни заболувања, мали деца, стари лица и бремени жени се советува да избегнуваат активности на отворено. Кога е неопходно движење на отворено во области кои се во непосредна близина на опожарени места, да се користат соодветни маски.
Во подрачја каде постои ризик од загаден воздух да се остане внатре и да се затворат прозорците и вратите, особено во подрачјата во непосредна близина на места каде има активни пожари, како и подрачјата кон кои ветерот го насочува чадот. Да се исклучи вентилација и климатизациски системи што вовлекуваат надворешен воздух за да се спречи навлегување чад и загадувачи во просториите.
Се препорачува редовно да се следат официјалните информации и ажурирањата за квалитетот на воздухот.
„Установите за згрижување стари лица да преземат мерки за минимизирање на изложеноста на отворено кај оваа ранлива група. Да се воздржи од контакт или приближување до отпад од т.н. погодени подрачја се додека не се добие официјална дозвола за пристап. Да се почитуваат сите инструкции од јавноздравствените институции и службите за итна помош, како и насоките за евентуална евакуација ако тие се препорачани од компетентна надлежна институција. Овие мерки имаат за цел да ги намалат непосредните здравствени ризици и да обезбедат заштита на заедницата“,
се вели во соопштението од Министерството за здравство.
Овие препораки се обравени откако денеска околу 13:30 часот избувна пожар во фабриката „Ф-Групација“ во скопско Трубарево, на територија на Општина Гази Баба. Пожарот произведе голем црн облак од чад видлив од цело Скопје и околината. Надлежните информираа дека се користат сите располижливи средства за справување со огнот.