Според докторите, лицата со гастроинтестинални, метаболни и кардиоваскуларни болести да бидат особено внимателни во однос на времето и составот на вечерниот оброк. Во врска со зголемена консумација на алкохол, од ИЈЗ препорачуваат да се има умереност и самоконтрола, како и да не се управува возило под дејство на алкохол. Употребата на петарди и пиротехнички средства претпоставува сериозен ризик за здравјето и безбедноста
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) денеска упати препораки до граѓаните по повод престојните празници, со цел граѓаните да внимаваат при консумирање храна и алкохол, како и за користење пиротехника.

Во соопштението објавено на веб-страната на ИЈЗ, се вели дека новогодишните празници претставуваат период на значајни промени во секојдневниот животен ритам, при што доаѓа до нарушување на вообичаениот распоред на храна.
Празничните прослави често се одвиваат во доцните вечерни и ноќни часови, а внесот на храна е зголемен, енергетски богат и често нутритивно небалансиран.
Затоа, како што велат од ИЈЗ, треба да се планира времето на последниот оброк, кој треба да се консумира најмалку три до четири часа пред легнување, имајќи в предвид дека за време на празничните прослави времето за спиење може да биде поместено, но доцното јадење не треба да стане навика.
„Да се прилагоди составот на оброкот и да се избира храна со пониска нутритивна вредност. Во доцните часови да се ограничува внесот на масна, пржена и силно зачинета храна, која може да го оптовари дигестивниот систем. Да се избегнува комбинирање на повеќе калорични јадења во еден доцен оброк, како и да се внимава на големината на порциите, а потоа да не се легнува веднаш, туку да се остави време за иницијална дигестија, а по можност, по доцен оброк да се практикува лесна физичка активност“,
велат од ИЈЗ.
Според докторите, лицата со гастроинтестинални, метаболни и кардиоваскуларни болести да бидат особено внимателни во однос на времето и составот на вечерниот оброк.
По завршувањето на празничниот период да се избегнува продолжување на навиката на доцно јадење.
Новогодишните празници традиционално се поврзани и со зголемена консумација на алкохол, за што од ИЈЗ препорачуваат да се има умереност и самоконтрола, како и да не се управува возило под дејство на алкохол.
„Доколку се појават симптоми на губење свест, повраќање, конфузија или проблеми со дишењето, веднаш да се побара медицинска помош. Не оставајте лице во алкохолизиран состојба само“,
велат од ИЈЗ.
За време на новогодишните празници, според ИЈЗ, употребата на петарди и пиротехнички средства претпоставува сериозен ризик за здравјето и безбедноста.
Докторите препорачуваат деца и малолетници да избегнуваат употреба на пиротехника.
„Никогаш не ракувајте со пиротехника под дејство на алкохол или психоактивни супстанции. Никогаш да не се обидувате повторно да активирате пиротехничко средство кое не експлодирало. Бучавата од петарди може да предизвика стрес, анксиозност и оштетување на слухот, особено кај деца, постари лица и домашни миленици“,
се вели во препораките.
При повреди, како изгореници, повреди на очи, раце или лице, веднаш да побарате медицинска помош.
Во случај на пожар веднаш да се известат надлежните служби.
