Повеќе медиуми вчера пренесоа дека тестовите од државната матура биле пробиени и споделувани меѓу учениците преку социјалните мрежи. Државниот испитен центар (ДИЦ) експресно ги демантира објавите дека тестовите се пробиени и појаснија дека имало споделување тестови во вибер-групи откако почнало полагањето на испитот
Претседателот на Сојузот на средношколци во заминување, Лука Павиќевиќ, денеска на новинарско прашање за вчерашниот скандал изјави дека тоа што се случи претставува пропаст на нашата колективна свест, совест и доблест, а за овие дејствија, вели, не се виновни само учениците туку и целиот општествен систем кој дозволил да дојде до вакво нешто.
„Вината припаѓа на сите – и на тие што препишувале, и на тие што дозволиле да се препишува“,
изјави Павиќевиќ.
Вчера, на полагањето на вториот екстерен испит, тестот по Англиски јазик бил споделен во групи на социјалната мрежа Вибер, во која членувале околу 7 000 матуранти, односно над половина од вкупниот број пријавени матуранти кои го полагале испитот по овој предмет.
Павиќевиќ смета дека треба да има санкции доколку се утврди дека матурантите препишувале и дека за тоа треба да одлучи Државниот испитен центар.
„Тоа го одлучува Државниот испитен центар. Но, ако се утврди навистина дека препишале, тогаш, апсолутно да. Тоа е ставено и во самите инструкции“,
рече Павиќевиќ.
Вчера, Државниот испитен центар соопшти дека тестовите не се пробиени кај нив, туку дека тие почнале да се споделуваат во групата по почетокот на тестирањето.
„Државниот испитен центар нагласува уште еднаш дека тестот не е пробиен, туку бил споделуван откако е започната реализацијата на испитот“,
соопшти ДИЦ.
Од Центарот наведоа дека како и минатите години, пред почетокот на државната матура апелирале до сите матуранти и до сите што се вклучени во реализацијата на испитот да се почитуваат правилата за изведување на државната матура.
„Должност и обврска на ДИЦ е да ја спроведе матурата со подготовка на тестовите и нивна дистрибуција до училиштата. Тој процес е најпрофесионално извршен од ДИЦ“,
нагласува ДИЦ.