Отворањето на преминот е клучен дел од договорот, кој предвидува медицински евакуации и патување до и од Газа. Според Светската здравствена организација, повеќе од 16 500 болни и ранети лица треба да го напуштат Појасот Газа за лекување

Израел се подготвува да го отвори преминот Рафах во наредните денови за да им овозможи на жителите на Газа да преминат во Египет како дел од договорот за прекин на огнот со Хамас. Но, кревкото примирје е загрозено откако се дозна дека делумните останки предадени оваа недела не им припаѓаат на двајца заложници киднапирани во 2023 година, објави Скај њуз.
Иако точниот термин на отворањето на границата сè уште не е објавен, се очекува да се овозможи премин на населението за медицински и патни цели, што Израел го претставува како знак за напредок во спроведувањето на договорот. Израелската Координација на владини активности на териториите (КОГАТ) соопшти дека аранжманот, кој има израелска безбедносна дозвола, ќе биде координиран со Египет под надзор на мисијата на Европската Унија, слично на механизмот што функционираше во јануари 2025 година.
„Во согласност со договорот за прекин на огнот и директивата на политичкиот ешалон, преминот Рафах ќе биде отворен во наредните денови исклучиво за излез на жителите од Појасот Газа во Египет“,
се вели во соопштението на КОГАТ.
Не беше прецизирано дали ќе има ограничувања за тоа кој може да ја напушти Газа, но се вели дека ќе биде потребна израелска безбедносна дозвола. Анонимен израелски функционер за „Асошиејтед прес“ изјави дека на сите Палестинци ќе им биде дозволено да излезат преку Рафах, под услов Египет да се согласи да ги прими. Изворот додаде дека Европската Унија сè уште треба да реши некои логистички проблеми пред да може да се случи отворањето.
Отворањето на преминот е клучен дел од договорот, кој предвидува медицински евакуации и патување до и од Газа. Според Светската здравствена организација, повеќе од 16 500 болни и ранети лица треба да го напуштат Појасот Газа за лекување.
Рафах е единствената влезна точка во Газа која не е под директна израелска контрола. Со него управува Египет според договор со Израел и Европската Унија. Преминот честопати бил затворен подолг период во текот на годините, а дури и кога е отворен, постои ризик од ненадејно затворање без претходна најава.
Надежите за повторно отворање на преминот се зголемија откако Израел соопшти дека форензичките тестови не успеале да потврдат дека делумните останки предадени во вторникот се совпаѓаат со двајцата заложници што сè уште се држат во Газа. Палестинските медиуми објавија дека останките се пронајдени во градот Беит Лахија во северниот дел на Појасот Газа. Хамас сè уште не го коментирал случајот.
Откако започна прекинот на огнот на почетокот на октомври, 20 живи заложници се вратени во Израел, заедно со останките на уште 26 други. Како дел од договорот, Израел ослободува по 15 палестински тела за секој заложник. Министерството за здравство на Газа соопшти дека досега примило 330 останки.
