Државниот врв и оваа година ќе го одбележи националниот празник Илинден на различни локации
Премиерот Христијан Мицкоски за чествувањето на Илинден утре нема да оди за Крушево, туку ќе положи цвеќе на неколку места во Скопје.

Како што најави владината прес-служба, премиерот ќе положи свежо цвеќе на споменикот на претседателот на Крушевската Република, Никола Карев. Веднаш потоа, свежо цвеќе ќе положи и на споменикот на АСНОМ (парк „Жена борец“ и ќе заврши пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто (плоштад „Македонија“), по што ќе даде изјава за медиумите.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе присуствува на централната манифестација во Крушево, на Мечкин камен – симболот на Крушевската Република и Илинденското востание од 1903 година.
Спикерот Африм Гаши нема да присуствува на ниту една од државните манифестации поради здравствени причини, па поради тоа собраниската делегација ќе ја предводи потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, која ќе положи цвеќе на Меморијалниот центар „АСНОМ“ во Пелинце.
Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател. Слободната Република траела десет дена.