Владата на СДСМ и на ДУИ доби поддршка од 62 пратеници во овој парламентарен состав, така што во мнозинството партиципираат и Беса, НСДП, ДПА,ДОМ, ЛДП, Демократскиот сојуз… Лидерите на овие партии, како и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, подоцна попладнево ќе седнат на иста маса со Заев за да разговараат за следните чекори по неговата најава за заминување од „Илинденска“
Премиерот во оставка Зоран Заев ги повика во Владата лидерите на партиите од досегашната владејачка коалиција, од каде што потврдија за „360 степени“ дека средбата ќе се одржи подоцна попладнево.
Заев ги собира партнерите откако доцна синоќа поднесе оставка на премиерската и на функцијата лидер на СДСМ, преземајќи ја одговорноста за резултатот од локалните избори, на кои владејачката партија ги изгуби повеќето општини во државата во кои имаше свои градоначалници и мнозинство во советите во изминатите четири години, вклучително со Градот Скопје и речиси сите скопски општини.
Нема информации кога Заев и формално би ја доставил оставката во Собранието, по што целата негова влада, која беше избрана на крајот на август минатата година, исто така ќе биде во оставка до изборот на друг мандатар и на нова влада.
Според членот 93 од Уставот, оставката на претседателот на Владата, неговата смрт или трајната спреченост да ја врши функцијата, повлекуваат оставка на Владата. На Владата ѝ престанува мандатот ако премиерот поднесе оставка, ако ѝ биде изгласана недоверба во парламентот или ако Собранието се распушти, на таа останува на должност до изборот на нова Влада.
Според член 219 од Деловникот на Собранието, пак, Владата, претседателот на Владата или член на Владата можат да поднесат оставка. Оставката на Владата или на претседателот на Владата, се поднесува до претседателот на Собранието во писмена форма и може да се образложи… Оставката на Владата или на претседателот на Владата, претседателот на Собранието веднаш ја доставува до пратениците и до претседателот на Републиката.
Во член 220 понатаму се наведува дека Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата, на Владата или на член на Владата, мандатот им престанува на денот на одржувањето на седницата.
Заев дојде првпат на премиерска функција летото 2017 година, откако на изборите во 2016 година СДСМ освои две пратенички места помалку од дотогаш владејачката ВМРО-ДПМНЕ, ама успеа да формира парламентарно мнозинство со ДУИ и со Алијансата за Албанците. По ланските парламентарни избори, ја формираше владата која е сега во оставка, по неговата најава за повлекување од премиерската функција, како и од лидерската позиција во СДСМ.
Владата на СДСМ и на ДУИ доби поддршка од 62 пратеници во овој парламентарен состав. Во собраниското мнозинство, како дел од коалицијата со која СДСМ настапи на ланските парламентарни избори, партиципираат и Беса, НСДП, ДОМ, ЛДП, Демократскиот сојуз… Лидерите на овие партии, како и лидерот на ДУИ Али Ахмети, попладнево ќе седнат на иста маса со Заев за да разговараат следните чекори по неговата оставка.
Арбер Адеми, координаторот на пратеничката група на ДУИ, оцени синоќа дека оставката на Заев е избрзана, затоа што, како што рече, изборите беа за локални теми, а не за националните политики што се водат.