„Ние ќе го вратиме членот 353 од Кривичниот законик, ама ќе го вратиме како што треба. Ќе направиме компаративна анализа како е во Франција, како е во Германија, Словенија, Шведска и во другите земји. Како е таму, така ќе биде и кај нас. Мора да се знае точно што значи злоупотреба. Зашто утре може повторно да дојде некоја влада и повторно може да упаѓаат со шмајзери во домови на пратеници зашто некои сака политички да се реваншира. Нема да дозволиме тој да биде политичка алатка за пресметка со политички неистомисленици. Исто така ќе биде и со Законот за кривична постапка“, рече Мицкоски
Шесте закони од правосудството кои се предвидени со Реформската агенда се сведуваат на една работа, а тоа е зголемување на платите на судиите и обвинителите што не го заслужуваат и државата не може да си го дозволи, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски при неговата посета во Општина Гази Баба одговарајќи на новинарско прашање за причините за доцнењето на нивното донесување.

„Во Правда во фаза на изработка се неколку закони, како Законот за судови, Законот за обвинители, Законот за Судскиот совет, Законот за Советот на јавни обвинители, Законот за обвинителска и Законот за судска служба. Тоа се носечки шест закони. Тие имаат еден заеднички именител, а тоа е повисока плата за судиите и обвинителите. Тоа е реформата што треба да се случи. Повисоки плати за оние што наместо да се автори на правда се автори на неправда. Преземена е обврска и мора да се испорача“,
рече тој.
Посочи дека во моментов се прави компаративна анализа колкав е буџетот што се издвојува за судиите и обвинителите во земјите на ЕУ за овие институции. Откако ќе биде готова таа анализа, со резултатите ќе одат во Брисел за да побараат разбирање.
„Од нас се бара да имаме, да речеме, двапати повеќе од некои многу побогати земји од ЕУ. Треба тоа да го направиме? Двапати повеќе да ги платиме овие со два отсто рејтинг од тие како како една многу богата западноевропска земја, членка на ЕУ. Не мислам така. Откако ќе ги собереме податоците со Министерството за финансии, ќе појдеме и во Европската комисија и ова ќе го аргументираме, затоа што ние не можеме да си го дозволиме тоа. Уште помалку сакам како премиер да барам од пратениците да гласаат закон во кој ќе се зголемат двојно, тројно примањата на оние што имаат рејтинг од два отсто“,
кажа тој.
Освен на овие шест закони, Мицкоски рече и дека се работи и на Законот за кривична постапка и на Кривичниот законик во однос на спорните измени и бришењето на ставот 5 од членот 353 во 2023 година за злоупотреба на службената положба.
„За членот 353 од оној ист Кривичен законик што владата на СДСМ и ДУИ го донесе, злоупотребувајќи го европското знаме, бришејќи го стават 5, со што направи генерална амнестија. Ама и да ги вратиме, а ќе ги вратиме, тие секогаш ќе се повикуваат на оној закон што за нив е поповолен. Така функционира владеењето на правото“,
рече Мицкоски.
Најави дека овој закон ќе биде донесен до крајот на годината, по претходно подготвена спогодбена анализа со земјите од Европската Унија, за што ќе биде информиран и Уставниот суд.
„Е сега, ние ќе го вратиме членот 353 од Кривичниот законик, ама ќе го вратиме како што треба. Ќе направиме компаративна анализа како е во Франција, како е во Германија, Словенија, Шведска и во другите земји. Како е таму, така ќе биде и кај нас. Мора да се знае точно што значи злоупотреба. Зашто утре може повторно да дојде некоја влада и повторно може да упаѓаат со шмајзери во домови на пратеници зашто некои сака политички да се реваншира. Нема да дозволиме тој да биде политичка алатка за пресметка со политички неистомисленици. Исто така ќе биде и со Законот за кривична постапка“,
вели премиерот.
Во Министерството за правда денеска се одржа конститутивна седница на Советот за следење на реформите во правосудството. Тој ќе има задача да ја следи имплементацијата на реформите, да алармира кога институциите не ги постигнуваат очекуваните резултати и да дава стручни мислења преку своите членови експерти од правосудството, академијата и од граѓанскиот сектор.
Премиерот рече дека нивните анализи покажуваат дека земјава е најдобра во регионот во спроведувањето на реформската агенда, а не, како што додаде, Албанија и Црна Гора.
Најави дека на 19 септември ќе одржат брифинг со новинари на кој ќе презентираат примери и бројки од тоа што досега е направено.