Оттаму наведуваат дека изборот на државeн јавен обвинител не е политичка, туку институционална одлука со значајни последици врз вледеењето на правото и системот на кривична правда, поради што очекуваат Владата да постапува одговорно, да се раководи исклучиво од законските критериуми и стручните оценки, и да обезбеди транспаретност во носењето на конечната одлука
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата преку писмено соопштение укажува дека изјавата на премиерот Христијан Мицкоски оти обвинителката Ленче Ристоска апсолутно не е во игра за избор на нов државен јавен обвинител создава ризик од политичко влијание врз процесот.

Од Платформата сметаат дека од моментот кога Советот на јавните обвинители дал позитивно мислење за четворица кандидати кои ги исполнуваат законските услови за избор на државен јавен обвинител и предметот е доставен за понатамошна постапка во Владата, одговорноста за зачувување на кредибилтетот на постапката е кај извршната власт.
„Во таа насока, укажуваме дека јавни изјави на претседателот на Владата, со кои однапред се исклучуваат одредени кандидати, во фаза кога Владата сè уште нема донесено одлука, создаваат ризик од политичко влијание врз процесот. Особено имајќи предвид дека станува збор за кандидати за кои веќе е утврдено дека ги исполнуваат законските критериуми, ваквите изјави можат да ја нарушат довербата во еднаквиот третман и во интегритетот на постапката“,
се наведува во соопштението на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.
Оттаму наведуваат дека изборот на државен јавен обвинител не е политичка, туку институционална одлука со значајни последици врз вледеењето на правото и системот на кривична правда.
Поради тоа, посочуваат од Платформата, очекуваат Владата да постапува одговорно, да се раководи исклучиво од законските критериуми и стручните оценки, и да обезбеди транспаретност во носењето на конечната одлука.
Дополнително, а во контекст на тековните предизвици поврзани со борбата против корупцијата и организираниот криминал, од граѓанските организации обединети во Платформата велат дека изборот на државен јавен обвинител има суштинско значење за обезбедување професионалност, суштинска амбиција за реформи и подобрување, и институционална независност во работењето на обвинителството.
Затоа, наведуваат, секоја јавна комуникација поврзана со оваа постапка треба да придонесува кон зајакнување, а не кон релативизирање на довербата во процесот кој е утврден со закон.
Оттаму, во таа смисла, потсетуваат и дека во последните извештаи на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Северна Македонија на патот кон Европската Унија, се нотираат забелешки поврзани со потребата од јакнење на независноста, професионалноста и ефикасноста на јавното обвинителство, како и од доследно почитување на процедурите во клучните именувања.
„Оттука, особено е важно постапката за избор на државен јавен обвинител да се спроведе на начин што ќе покаже институционална зрелост и јасна дистанца од какви било политички влијанија, во согласност со европските стандарди и преземените обврски“,
порачуваат од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.

На крајот од соопштението, оттаму велат дека нема да навлегуваат во оценка на поединечни кандидати, но оти јасно укажуваат дека одговорноста за интегритетот на процесот е директно на Владата.
Во таа насока, очекуваат одлуката за избор да биде јавно, детално и аргументирано образложена врз основа на однапред утврдени и мерливи критериуми, а секое отстапување од принципите на професоналност, еднаков третман и транспарентност, според Платформата ќе значи сериозно нарушување на довербата во постапката и дополнително ќе ја поткопа довербата во незавиноста на обвинителството.
На новинарско прашање дали сите четворица кандидати, вклучително и обвинителката Ленче Ристоска, која своевремено беше дел од згаснатото Специјално јавно обвинителство и сè уште пред судот застапува две обвиненија против ексфункционери на ВМРО-ДПМНЕ и самата партија, се во игра за изборот на нов државен јавен обвинител, Мицкоски во вчерашното интервју на телевизијата Канал 5 рече:
„Апсолутно не се сите во игра. Мојот став поврзан со тоа име е апсолутно дека тоа име не е во игра. Па еве, искатализиравме барем некаков одговор, од четворица, тројца се во игра.“
На изјавата на премиерот денеска реагираше Ристоска, која вели дека кога кандидат однапред се исклучува без анализа на неговата програма и професионален пат се отвораат прашања за природата на критериумите што се применуваат во изборот.
Таа е уверена дека избор од вакво значење мора да биде заснован на квалитет, а не на подобност.
И од опозицискиот СДСМ реагираа на изјавата на Мицкоски. Оттаму го обвинија премиерот за директно мешање во изборот на нов државен јавен обвинител и „погребување“ на правната држава.
Во одговорот на реакцијата на обвинителката Ристоска, пак, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека критериумите за оваа функција се променети и дека партиската подобност веќе не може да се користи, наведувајќи притоа дека обвинителката имала ангажман во згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО), каде била, како што велат од партијата, „десна рака“ на поранешната шефица Катица Јанева.
„Ристоска мора да знае дека ова се други времиња“,
порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.
За потсетување, Ристоска е обвинителка во Основното јавно обвинителство Скопје и обвинител за врски со Европравда (Eurojust). Своевремено беше дел и од тимот на згаснатото Специјално јавно обвинителство (СЈО). Обвинителката пред Основниот кривичен суд Скопје сè уште ги застапува двете обвиненија – „Талир 1“ и „Талир 2“ против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и против партијата како правно лице за нејзино незаконско финансирање, за што се бара и конфискација на партиското седиште.

Неодамна таа поднесе тужба против владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која во октомври лани во соопштение ја нарече поранешна „ѕвезда“ на пропаднатото СЈО и ја критикуваше нејзината обвинителска работа обвинувајќи ја дека земала бонуси во времето кога државата се гушела во неправда.
На почетокот на годината таа побара извинување од премиерот Мицкоски и поднесе известување до Советот на јавни обвинители поради неговите наводи во интервју за порталот „Вечер.мк“, во кое тој ја нарекува медиокритет и потврдно одговара на констатацијата на новинарката дека станува збор за клиентелистичко-политичка матрица.
Инаку, изјавата на премиерот Мицкоски следува откако Советот на јавни обвинители на Владата ѝ достави список со позитивно мислење за четворица од петмина пријавени кандидати за функцијата државен јавен обвинител. Членовите на Советот на јавните обвинители дадоа позитивно мислење за обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска и Лидија Раичевиќ и за судијата Ненад Савески. Од трката беше дискваликуван поранешниот судија Владимир Панчевски, за кого членовите на Советот утврдија дека нема непрекинат стаж од 10 години како обвинител или судија во кривична област, што е еден од посебните услови за да биде кандидат за шеф на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
