„Буџетот за науката е двојно зголемен оваа година споредено со минатата. Дали е тоа доволно, ќе ви кажам – не. Но, секако е повеќе од она што беше минатата година, околу 650 до 660 милиони денари. Нашата цел е да ја стимулираме науката“, вели Мицкоски
Очекувам нашите универзитети да влезат во првите илјада на Шангајската листа и тоа да се случи во мандатот на оваа влада, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање што досега е исполнето од ветувањата за инвестиции во науката.

„Буџетот за науката е двојно зголемен оваа година споредено со минатата. Дали е тоа доволно, ќе ви кажам – не. Но, секако е повеќе од она што беше минатата година, околу 650 до 660 милиони денари. Нашата цел е да ја стимулираме науката“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по поставувањето камен-темелник за изградба на нова спортска сала.
Посочи дека една од мерките за стимулација на науката е тоа што Владата овозможи бесплатен пристап кон најголемите две бази на научни списанија.
„Очекувам младите научните да продолжат во таа насока да се однесуваат, односно да ги користат овие бази на научни списанија и да ги следат светските трендови, а со тоа да публикуваат понатаму и свои трудови и со тоа да придонесат нашите универзитети да се приближат напред кон првата илјадарка според Шангајската листа на универзитети, која е една од најважните репер листи во светот. Очекувам тоа да се случи во овој мандат на Владата“,
кажа премиерот.
Досега ниту еден македонски универзитет не бил меѓу првите илјада универзитети на познатата Шангајска листа.
Шангајската листа се смета за една од најрелевантните и се објавува од 2003 година. Оваа година биле анализирани над 2 500 институции, а конечната листа ги претставува најдобрите 1 000 универзитети во светот врз основа на транспарентна методологија и објективни податоци.