„Тоа го истражуваме. За жал, има малку докази, но мислам дека дел од овие тврдења наскоро ќе бидат обелоденети во јавноста“, кажа Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски денеска обвини дека некои минати раководства во АД МЕПСО им барале мито на инвеститори. Посочи дека таквите наводи во моментов се истражуваат, како и оти очекува тие наскоро да се објават во јавноста.

Ваквите наводи Мицкоски ги изнесе одговарајќи на новинарско прашање при денешната посета на скопска Гинекологија, зошто има чести испади на енергетската мрежа откако изминатиот викенд повеќе градови низ државата останале неколку часа без струја.
„Не е точно дека се случуваат испади на мрежата. Се случи еден испад поради надворешен фактор. Конкретно зборуваме за неделата наутро, минатиот викенд кога имаше зголемени напонски услови на далноводот што ги поврзува Врање и Штип. Тоа значи дека наместо да има 400-киловолтна напонска состојба имаше 460-киловолтна состојба, со што се активира заштитата на мрежата и нормално е дека тој далновод се исфрла од функција. Така функционира системот секаде во Европа. Не е тоа за нашите технички перформанси, туку она што го добиваме однадвор“,
рече .
Посочи дека за време на велигденските празници еден од блоковите во Битола го исклучиле зашто ги замолиле од соседна Грција, поради намален конзум, а зголемено производство на електрична енергија од фотоволтаици, за кои рече дека се нестабилен извор на енергија.
Во времето кога биле во опозиција рече дека реагирале оти не треба да се даваат согласности за инсталирање на таков тип производни капацитети оти ќе се доведеме во состојба кога ќе имаме сериозни проблеми поради целокупните регионални состојби.
Според него, најголемиот конзум што го има Македонија е во зима, отприлика втората половина од јануари, меѓу 18 и 20 часот и тоа е 1,5 гигавати.
„Техничкиот капацитет на мрежата е двапати поголем, но во моментот има проекти и барања од 9,5 гига, односно трипати повеќе од техничкиот капацитет и шестпати повеќе од тоа кое што го трошат граѓаните. Зошто? Затоа што некои минати раководства во МЕПСО за да издадат мислење пред инвеститорите, имаат барано мито и тоа го истражуваме. За жал, има малку докази, но мислам дека дел од овие тврдења наскоро ќе бидат обелоденети во јавноста“,
рече Мицкоски.