„Добра вест за македонските граѓани е што ОКТА на компаниите со кои соработува од денеска ќе им даде попуст од отприлика 45-50 долари по тон. Тоа би значело намалување за некаде околу 2,5 денари по литар. Бидејќи Регулаторна ја одредува највисоката цена, очекувам откако ова ќе биде објавено во текот на денот, за отприлика 2,5 денари по литар да бидат намалени нафтата и нафтените деривати“, изјави денеска Мицкоски од Кочани
За околу два и пол денари по литар се очекува да бидат намалени цените на нафтените деривати во земјата, информира денеска премиерот Христијан Мицкоски и додаде дека новите цени се очекуваат откако Владата и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини договориле попуст со најголемиот снабдувач, компанијата ОКТА.

Одговарајќи на новинарски прашања за време на посетата на Кочани, премиерот кажа дека разговарал и со голем дел од сопствениците на бензински пумпи кои рекле дека попустот од добавувачот ќе го пренесат на крајните корисници.
„Добра вест за македонските граѓани е што ОКТА на компаниите со кои соработува од денеска ќе им даде попуст од отприлика 45-50 долари по тон. Тоа би значело намалување за некаде околу 2,5 денари по литар. Бидејќи Регулаторна ја одредува највисоката цена, очекувам откако ова ќе биде објавено во текот на денот, за отприлика 2,5 денари по литар да бидат намалени нафтата и нафтените деривати“,
изјави Мицкоски.
Според него, тоа би значело дека еден литар дизел во земјава ќе се продава по цена од 1 евро и 35 евроценти и посочи дека тоа со тоа македонските граѓани и понатаму ќе користат нафта и нафтени деривати по најниска цена споредено со земјите од регионот.
„Во соседството, во Србија е над евро и осумдесет евроценти, во Албанија евро и осумдесет евроценти, во Косово е над евро и педесет, евро и шеесет евроценти. Во Европа е некаде и над две евра, некаде во земјите од Европска Унија е 2,2 евра дизелот. Така што, тоа што го кажавме тоа и го правиме, дека македонските граѓани ќе користат најевтини нафта и нафтени деривати. И покрај тоа што сме на неколку стотици километри од жестоки воени дејства, но со добра организација, со еден конструктивен дијалог успеваме, би рекол, тие предизвици да ги надминуваме“,
наведе Мицкоски.
Во понеделникот (9 март) со одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) цената на дизелот се зголеми за 14,5 денари, додека бензините БС-95 и БС-98 се продаваат пет денари поскапо од претходно. Зголемувањето на цената на нафтените дериват дојде како последица на скокот на цената на нафтата на светските берзи поради конфликтот на САД и Израел со Иран, што доведе до затворање на Ормускиот Тесец преку кој поминува една петтина од светското производство на нафта.
Доколку продолжи растот на цената на нафтата на светските берзи, премиерот Мицкоски рече дека Владата ќе преземе мерки со намалување на данокот на додадена вредност, најпрво од 18 на 10 отсто, а ако е потребно и од 10 на 5 проценти, во зависност од движењето на цената.

Премиерот, говорејќи во тој контекст, кажа дека за намалување на акцизите треба да се интервенира во законот, по прогласување на кризна состојба, за што, како што кажа, во момент не се исполнети условите.
„Ние сме влада избрана од народот и мора да се однесуваме во полза на интересите на граѓаните. Тоа значи дека ќе тргнеме со намалувањето на зафаќањето коешто и така е најмало, споредено не само со државите во регионот туку и во Европа. Не акцизите. За акцизите има закон, кој вели дека цената на нафтата на светските берзи треба да биде над 800 долари по тон, значи, меѓу 800 и 1 000 долари по тон, за 1 денар акциза, 1 000 до 1 200 два денара, па 4 денари итн. Сега не е на тоа ниво, сега е некаде околу 600, 650“,
рече Мицкоски.
Тој нагласи дека има притисок од соседните држави, во пограничните места, каде што доаѓаат да полнат поевтино гориво. Според неговите информации, во понеделникот е забележан историски највисок врв на дотур на нафта и нафтени деривати на корисници, кога биле наточени околу 2 милиони литри во еден ден.
