Размислувањата одат во насока пензиите да се зголемат за 1 000 денари наесен, односно во октомври, и за исто толку напролет, во март 2026 г.
Во моментот се прават анализи за ново линеарно покачување на пензиите, одговори премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање дали ќе има предизборно покачување на пензиите. Тој вели дека одлуката ќе биде донесена наскоро и оти планот е наесен, односно во октомври да се зголемат пензиите за 1 000 денари, а потоа, да има повторно покачување на пензиите за истата сума веќе во март 2026 година.
„Правиме анализа линеарно да се зголемат пензиите по 1 000 денари сега, на есен, во октомври кога ќе ја земат пензијата, и во април, практично за март, 2 000 да има линеарно зголемување за сите пензионери во рамките на следните шест месеци“,
рече Мицкоски.
Тој вели дека се прават сериозни анализи и оти многу наскоро ќе биде поднесено во Собранието, или со скратена постапка или преку група пратеници оти процесот мора да се случи пред распишување на изборите. Мицкоски кажа оти тоа било барање на пензионерите кои на сите средби истакнале дека сакаат линеарно, а не процентуално покачување на пензиите.
„ Сериозно сме ангажирани во таа анализа, правиме проценка колкаво би било зголемувањето, колкав би бил волуменот на парична маса да го поделиме со бројот на пензионери“,
кажа тој.
Минатата година, по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, со линеарно зголемување пензиите беа покачени за 2 500 денари во септември, а во март годинава, повторно за 2 500 денари. Тогаш премиерот рече оти за таа намена биле потребни околу 40 милиони евра кои се обезбедија со ребалансот на Буџетот.